Собранието на Република Македонија постојано е под блокада и тоа во период кога се интензивираат разговорите за решавање на спорот со името и се прават напори за остварување на сонот за поблиска Европа и зачленување во НАТО. Денешниот ден треба да покаже дали и како ќе се најде начин да се избегне новата блокада на Парламентот од над 35 илјади амандмани поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за Законот за употреба на јазиците, за што претседателот на државата Ѓорге Иванов стави вето и го врати со бројни укажувања.
Владеачкото мнозинство, составено од СДСМ и ДУИ и неколку други помали партии, има нова задача, а тоа е како да се донесе законот, во трето читање, и како да се продолжи со разгледување и носење на реформските закони. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не учествува во работата на Собранието по притворањето на нивни пратеници и други лица за насилствата во Парламентот од 27 април, ќе дојдат на седницата. Партиските калкулации и размислувања почнаа уште минатата недела, но најавите за илјадници амандмани станаа реалност во петокот кога во архивата на Собранието пристигна првиот пакет на ВМРО-ДПМНЕ и информацијата за нивната бројност.
Официјалната бројка на амандмани е 35.573, како што за МИА соопштија од Кабинетот на претседателот на Собранието. За нив ќе треба да расправа, според изјава на спикерот Талат Џафери, најмалку шест месеци. На ова треба да се додадат и ресурсите што Парламентот треба да ги потроши само за да се донесе еден закон. Дополнително, и уште поважно, е блокирањето на поголем дел од другите закони и активности планирани од мнозинството.
Амандмани за законот не поднесоа партиите од владејачкото мнозинство предводено од СДС, ДУИ, како и Беса.
Одговорот како ќе настапи владеачкото мнозинство се очекува по редовната координативна средба на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи. Неизвесно е дали претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на координацијата кај Џафери. Влатко Ѓорчев, кој во моментов ја координира работата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, во петокот најави дека тие на седницата ќе настапуваат „како и досега“, односно со десет пратенички групи.
ВМРО-ДПМНЕ за повлекување, за СДСМ и ДУИ законот е согласно Уставот
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и вчера повика владејачкото мнозинство да го повлече законот, кој според нив е неуставен и има недостатоци и бара работни групи, кои ќе вклучуваат и експерти, што ќе работат на неговата содржина. Партијата отфрла дека целта им е блокада на Собранието.
– Со поднесување на речиси 35.500 амандмани не ни е целта да ја блокираме работата на Собранието, туку прашањето е зошто насилно се носи овој неуставен закон, рече Дарко Костовски на вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, по објавувањето на бројката на поднесените амандмани реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да ги напушти политиките на деструкција и на блокади, што предизвикуваат политички тензии, поделби и раздор во општеството.
– ВМРО-ДПМНЕ досега имаше можност да учествува во процесот на донесување на Законот за употреба на јазиците, но наместо тоа опозициската партија по сопствен избор одбра да не учествува во реформскиот процес, наведоа од СДСМ.
Од ДУИ нагласуваат дека новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ останува заробено во времето на своето неславно скорешно минато и продолжува со деконструктивноста за што беа казнети на изборите. Апсурдно е и преседан поднесување на толку амандмани во трето читање, посочуваат од ДУИ, но истовремено за нив тоа значи признавање на уставноста на законот.
– Впрочем, тие пред една година прифатија идентичен предлог-закон и затоа сево ова е само хипокризија, наведува пратеникот Артан Груби.
Со ова, посочува тој, ВМРО-ДПМНЕ не го блокира законот за јазиците, туку реформите, Собранието и перспективата на сите граѓани. Очигледно е, наведува Груби, и дека не се работи ниту за патриотизам, ниту за законот, туку намерата е да предизвика криза преку блокади за да се седне на преговарачка маса околу нивните нерационални барања.
Собранието првпат ќе расправа по забелешки од претседателот на државата
Освен по бројноста на амандманите, што не се случило досега во историјата на македонскиот Парламент, оваа 32. пленарна седница е интересна и по фактот дека првпат треба да се гласа за амандмани изготвени врз основа на забелешки поднесени од претседателот на државата за закон за што ставил вето и за кој доставил бројни укажувања. Останува отворено прашањето дали овие над 35 илјади амандмани содржински се во корелација со она што го укажува Иванов и дали на пример и запирките во текстот на законот не се користени за пишување амандман.
Поднесените амандмани ќе бидат разгледувани само на пленарна седница. Предлагачот ќе има три минути да ги образложи и амандманот ќе може да се гласа. За да биде донесен потребно е 61 глас. Координаторите на пратеничките групи имаат право и на процедурална забелешка од три минути. Доколку се слични амандманите можат да се групираат, објаснуваат од собраниските служби, но тие ќе мора да се гласаат поединечно.
Ваквата постапка е предвидена со членот 173 од Деловникот за работа на Собранието, а овој член е вметнат со измените на овој акт од 2008 година. Претходно немало правна множност претседателот на вратен закон да достави забелешки, а пратениците да поднесат амандмани. Пред 2008 година постапката за враќање на законите без потпишан указ била во согласност со Уставот на државата, а законите по враќањето во Собранието само биле ставани на гласање. Доколку законот бил изгласан повторно претседателот бил должен да го потпише указот. Закони во Собранието враќале и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Борис Трајковски.
Членот 173 од Деловникот предвидува претседателот на Собранието, веднаш по донесувањето, законот да го достави до претседателот заради потпишување на указот за прогласување на законот. Но, ако претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.
Претседателот Ѓорге Иванов го врати законот за јазиците во Собранието, кој беше изгласан на 11 јануари, без потпишан указ и со повеќе укажувања.
Унапредувањето на употребата на албанскиот јазик е тема која во македонската јавност се провлекува уште од почетокот на кампањата за предвремените парламентарни избори во декември 2016 година.
Со Законот за употреба на јазиците се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо односно албанскиот јазик.
Great mix of humor and insight! For additional info, click here: READ MORE. Any thoughts?