Награда од Општина Битола за животно дело на Благоја Стефановски-Баге

Со доделување на наградата за животно дело, која годинава му беше врачена на поранешниот министер за култура и долги години директор на битолскиот театар Благоја Стефановски-Баге, синоќа во Битола завршија празничните манифестации посветени на 4-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.

Во образложението за наградата на актерот во пензија Благоја Стефановски-Баге, претседателот на Советот на Општина Битола Валентин Груевски, воедно и претседател на Управниот одбор за доделување на највисоките општински признанија, истакна дека Стефановски е личност од непроценлива важност за историјата на битолскиот театар, а периодот под водство на Стефановски се смета за најважен период за битолскиот но и македонскиот театар.

Наградата за животно дело на Благоја Стефановски-Баге му ја врачи градоначалникот на Битола Наташа Петровска која јавно честиташе за успесите на Стефановски, како и на добитниците на годишните награди кои им беа доделени на седум поединци и институции и на пет најдобри битолски ученици, или како што рече Петровска броевите на наградените 7 и 5 асоцираат на 75-годишнината од денот на ослободувањето на Битола во 1944 година.

-Нашиот од’ продолжува со љубов за Битола. Во овие две години, на половина мандат на новата локална самоуправа покажавме дека нема невозможно, дека се е прашање на желба, на волја, на верба, на работа. Во мене останува желбата и жарот да се постигнува, а не да се победува другиот, рече меѓу другото Петровска на свечената академија во Битола.

За присутните гости од градот и државата, меѓу кои македонските министри Радмила Шеќеринска и Горан Милевски, пратеници и градоначалници од регионот, како и  претставници на збратимените градови од Епинал, Франција, Херцег Нови, Црна Гора и Конак, Турција, синоќа во Битола беше приредена богата уметничка програма.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *