Темелковски: Изградба на две нови градинки и завршување на атмосферската канализација во Пржино

Две години посветено работевме во служба на граѓаните. Напорно работиме со администрацијата за да го вратиме сјајот на нашата општина, која во изминатиот период беше запуштена. Да ги вратиме сите аспекти на хуманото живеење, рече на денешната прес – конференција градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски, кој даде отчет за сработеното од почетокот на неговиот мандат.

Тој информира дека во Општина Кисела за две години се асфалтирани улици во должина од 10 километри, а поплочени со павер елементи се улици во должина од 13 километри. Изградена е водоводна мрежа во должина од два километри, фекална канализациска мрежа во должина од еден километар, а се гради и атмосферска мрежа во должина од 5,2 километри. Додаде дека подеднакво се инвестирало во урбаниот и руралниот дел од општината, каде се реконструирнаи повеќе улици и нивни краци, меѓу кои „Сердарот“, „Саса“ 32 во Пинтија, „Студеничанска“, „Иван Козаров“ новопроектирана, крак на „Христо Татарчев“, „Славка Динкова“, „Саса 2“, пет крака од улицата „Малешевска“…

Во завршна фаза е реализацијата на капиталниот проект преку кој Општината гради атмосферска канализација во должина од 5.200 метри на улиците во населбата Пржино, а со тоа, како што рече, се подобруваат условите за живот на околу 3.500 жители. Темелковски потенцира дека до крајот на неговиот мандат ќе се залага во сите населени места да има фекална канализациска мрежа.

– Интензивно се работеше и на зголемување на процентот на зелени површини во Општина Кисела Вода.  На местото од некогашната депонија на улица „Герника“ е изграден нов парк, уредено е парковското зеленило на улицата „Киро Фетак“, довршен е Паркот на бранителите и извршено е негово хортикултурно уредување, рече Темелковски. Апелираше да се чуваат парковите и детските игралишта. Додаде дека реализирале повеќе еколошки акции, засадиле дрвца низ целата општина, а изработен е и Катастар на загадувачи од Општина Кисела Вода.

Темелковски информира дека изградиле повеќе нови детски игралишта со реквизити, санирани биле сите постојни детски и спортски игралишта, а големи реконструктивни зафати се одвивале во речиси сите училишни објекти. Градежни зафати се реализирале во сите градинки и во нивните клонови.

– Веќе е распишан и оглас за избор на градежна компанија која ќе гради нова детска градинка во населбата Драчево. Општина Кисела Вода изработи основен проект за изградба на нова градинка во населбата Драчево, по што аплицираше и доби грант од Министерството за труд и социјална политика за зголемување на капацитетите на градинките. Општина Кисела Вода и самостојно ќе гради градинка во населбата 11 Октомври згради, која ќе има површина од 1.200 квадратни метри и капацитет за 200 деца, најави Темелковски.

Градоначалникот Темелковски соопшти дека подеднакво инвестирале во спортот, културата, образованието, социјалната заштита, екологијата, здравството, соработувале со НВО, амабасади, институции, компании и потсети дека е формиран Сојуз на стопанственици кој, како што рече, активно работи. Доделени се преку 700 ваучери за новороденчињата од Општина Кисела Вода. Обезбедено е и огревно дрво за социјално ранливите семејства.

– Средувањето на урбанистичкиот хаос е предизвик за секој градоначалник, посебно за општина како Киселa Вода, каде бројот на примени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти изнесуваше 14.958. Во овој момент се решени 8.859 предмети. Ќе настојувам да го исполнам своето ветување дека кога ќе го завршам мојот мандат повеќе нема да има дивоградби кои чекаат во некоја папка да бидат легализирани, рече Темелковски.

Од идните проекти, Темелковски најави дека веќе е распишан тендер за избор на фирма изведувач за реконструкцијата на патот кон верско-рекреативниот центар „Три круши“, кој ќе добие и целосно ново осветлување.

Темелковски најави изградба на нови паркови и очекува до крајот на неговиот мандат да почне изградбата на Поликлиника во Расадник.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *