Руското документаристичко богатство претставено во изложбата „100 раритети на Руската државност“

Документарни раритети како што е најстарата руска ракописна книга„Остромирово Евангелие“, првиот руски законик „Руска правда“, Родословот на московските кнезови од 17 век, документи потпишани од Ленин и Сталин, документите за формирањето на СССР и неговото прекинување, се до Федералниот уставен закон од март 2014 година за прифаќање на Република Крим и градот Севастопол во состав на Руската Федерација, се дел од изложбата насловена „100 раритети на Руската државност“ што беше отворена денеска во Скопје во Музејот на македонската борба за самостојност.

Изложбата прв пат е отворена во Москва, минатата година, по повод 100 години од Државната архивска служба на Русија, каде на едно место беа собрани сто оригинални документи што сведочат за главните периоди на формирањето и развојот на руската држава од средината на 11. век до почетокот на 21. век.. Скопје е прва дестинација надвор од Русија каде изложбата гостува, а се организира по повод претстојниот руски празник 4 Ноември – Денот на националното единство.

На свеченото отворање на поставката на македонски јазик во присуство на претседателот Стево Пендаровски, на поглаварите на верските заедници, дипломатскиот кор, како и на научната и пошироката јавност се обрати рускиот амбасадор Сергеј Баздникин кој изрази задоволство што токму пријателска Северна Македонија е прва странска земја чии граѓани имаат можност да се запознаат со ова документаристичко богатство.

-Овие раритети собрани заедно на едно место составуваат своевиден континуиран летопис на земјата кој претставува одраз на уникатната улога на Русија во светот, вклучително и како еден од најважните фактори во меѓународните односи, гарант на глобалната стабилност и безбедност. Би сакал уште еднаш да истакнат дека руската страна е заинтересирана за зголемување на разновидната соработка, за нејзино збогатување со позначајни содржини и проширување во нови сфери, се разбира врз основа на општоприфатените норми на меѓународното право, на почитување и водење сметка за заемните интереси. Убеден сум дека тоа целосно им одговара на очекувањата на братските народи на нашите две земји, истакна Баздникин.

Министерот за култура Хисни Исмаили, посочи дека денешната изложба и практично на дело ги покажува длабоките врски на Русија со словенските земји, но го потврдува и пријателството меѓу нашите две држави кое е длабоко и поврзано со афирмацијата и зачувувањето на духовните вредности и културни стремежи.

-Ваквите активности се одлична можност за унапредување на институционалната соработка, но тие се и вистински повод за подобро запознавање на двете култури, рече Исмаили.

Заменик директорот на Руската Федерална архивска агенција, Андреј Јурасов, изрази очекување дека изложбата ќе предизвика интерес кај македонската јавност и ќе придонесе за подлабоко разбирање на руската повеќевековна историја.

-Документите зачувани во архивите убедливо демонстрират дека нашите народи ги обединуваат повеќевековни културни и духовни врски преку „словенската заемност“, кажа меѓу другото Јурасов и најави нов проект на кој веќе работат архивските служби на Северна Македонија и на Русија.

За поставката подготвен е уникатен двојазичен каталог, на руски и македонски јазик, со детален опис на сите  изложени документи, кои се копија на оригиналните докумнети. Изложбата „100 раритети на Руската државност“ во Музејот на македонската борба за самостојност, може да се погледне до 15 ноември. Организирана е од Руската Федерална архивска агенција со учество на Министерството за култура и Државниот архив на РСМ, во соработка со Амбасада на Руската Федерација во РСМ.