Националниот парк „Галичица“ го трансформира работењето со акцент врз туризмот како основа за одржлив развој

Јавната установа „Национален парк Галичица“, 61-годишнина од основањето го одбележа со презентација на нова веб страница http://galicica.org.mk/ и мобилна апликација за Андроид и IOS паметни телефони.

Сите активности се во насока на трансформација на работењето на Националнито парк преку зголемување на приходите остварени од туристички активности, а намалување на приходите од директно користење на природните ресурси што ги поседува.

На денешната свеченост на која беа презентирани новините во работењето на Националниот парк беше истакнато дека токму преку промовираните дејности се подобрува запознавањето на посетителите со природните и културни вредности на „Галичица“, но исто така се придонесува за поголема безбедност на посетителите на паркот и подобрување на севкупната туристичка понуда во Охрид и регионот.

Директорот на Националниот парк „Галичица“, Васко Паскали ја искористи приликата да нагласи дека наместо својата одржливост паркот да ја остварува по пат на сеча на шума, сега се фокусира на обезбедување средства преку туристички активности.

– Промената на работата на установата се трансформира преку обезбедување на средства со фокус врз заштитата на природата и на тој начин да се придонесе за зачувување на природните ресурси што ги поседува паркот, што е една од ставките поради која и регионот неслучајно е дел од светските природни богатства заштитени од УНЕСКО, рече Паскали.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули суштината на своето обраќање ја насочи кон концептот на владините заложби за заштита на шумите, со цел намалување на загаденоста на воздухот што е актуелен проблем во земјата.

– Националните паркови да ги направиме самоодржливи, а не да опстојуваат само од продажба на сечени дрвја. Тоа е концепт на кој Министерството во овој миг му дава целосна поддршка. Треба повеќе да ги промовираме нашите природни убавини, како треба да изгледаат нашите национални паркови и затоа немавме дилема уште од почетокот на мандатот во 2017 година веднаш да започнеме постапка за стопирање на сите инфраструктурни проекти во паркот, а кои ќе го променеа биодиверзитетот и ќе го деградираа просторот, рече Макрадули.

Тој уште истакна дека патот на развојот на парковите води преку концептот природната убавина да се трансформира во понуда за граѓаните, како да бидат привлечни за гостите.

Во рамки на своите активности Националниот парк „Галичица“ подготви ново промотивно видео за убавините на Националниот парк, а во соработка со Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) е изработен и видео-запис што ја прикажува соработката меѓу установата и ПОНТ на интересен и разбирлив начин.

На свеченоста беа доделени и наградите за најуспешните дела од ликовниот конкурс што Националниот парк „Галичица“ го распиша по повод годишната од формирањето.