По повод деветгодишнината од основањето, македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана, додели благодарници на поединци и институции за нивните особени заслуги за научниот и стручниот ангажман и перманентните активности во насока на зачувување и одржување на македонскиот идентитет на припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија.
Благодарници добија Едмонд Темелко, гадоначалник на општина Пустец и претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, Слободан Петров, Хановер, Германија, Агим Синанај активист во областа Голо Брдо, и член на МД „Илинден“ и печатницата „Европа 92“ од Кочани.
– Сите дадоа непроценив придонес за животот, историјата, културата и зачувувањето на автентичната македонска традиција. Со тоа, помагаат за подобрување на секојдневието на македонското национално малциство во Република Албанија и афирмација на Mакедонско друштво „Илинден“, вели првиот човек на дрштвото, Никола Ѓурѓај.
Друштвото „Илинден“ формирано е на шести февруари 2009 година во Тирана. Континуирано работиме, нагласува Ѓурѓај, на заштитата на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет и национални традиции на Македонците во Албанија.