ССМ реагира на барањето на Кластерот за текстил за зголемување на осумчасовното работно време

Сојузот на синдикати на Македонија денеска реагираше на изјавите на Кластерот за текстил за зголемување на осумчасовното работно време.

– Барањето за зголемување на осумчасовното работно време би значело губење на основното право за кое работниците се избориле во 1886 година кога биле организирани и првите штрајкови со цел воведување на 8-часовен работен ден, а работодавачите од Кластерот сакаат да не вратат назад, наместо да бараат укинување на празниците, потребно е согласно законите и колективните договори да ја плаќаат прекувремената работа и работата во празник и ден на неделен одмор, права кои веќе се уредени согласно основните принципи на МОТ, велат од ССМ.

Оттаму оценуваат дека предлозите од Кластерот се надвор од европските трендови за унапредување на работничките права.

Предлагаат работното време да не може да биде подолго од 38 часа неделно со што работниците ќе бидат попродуктивни и ќе имаат повеќе време на професионален и приватен план. Синдикатот смета дека деновите од викенд треба да бидат денови на неделен одмор и бара да се почитуваат деновите утврдени како празници во државата.

– Преседан е работодавачите да најавуваат штрајк против своите работници кои се најниско платени во државата и чии права најчесто се прекршувани од страна на овие работодавачи од Кластерот за текстил и тоа го нема никаде на светот. Работодавачите од Кластерот за текстил треба да размислуваат за зголемување на продуктивноста на трудот преку вложување во современи техники за производство, здрави и безбедни услови за работа, зголемување на платата и подобрување на работничките права, истакнуваат од ССМ.