Во Хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, утре со скромна свеченост ќе бидат одбележи педесет години од почетокот со работа и произведените први киловат часови електрична енергија.
„Шпилје“ е дел од Хидроенергетскиот систем „Црн Дрим“ со средно годишно производство од 275 гигават часови електрична енергија.
Со пуштањето во работа на 4 ноември 1969 година, оваа хидроцентрала стана значаен извор на електрична енергија во македонскиот електроенергетски систем.
– Хидроелектраната „Шпилје“ е со инсталирана моќност од 84 мегавати и годишно производство од 272 гигават часови. Машинската зграда се наоѓа околу 70 метри од низводната ножица на браната. Во зградата се сместени три агрегати опремени со Францис турбини со вертикална оска, поставени на кота 485,75 метри надморска височина, како и со трофазни синхрони генератори. Трансформаторите се сместени надвор од машинската зграда. Има акумулација со волумен од 506.000.000 кубни метри вода и корисен волумен е 218.000.000 кубни метри вода. Нормалното проектирано ниво на акумулацијата е 580 метри, а минималното е 560 метри, велат од ХЕС „Црн Дрим“.
Во изминатиот петдецениски период „Шпилје“ испорачала повеќе од 13.600 гигават часови електрична енергија.
Максимално рекордно производство на струја е забележано во 2010 година кога беа произведени околу 520 гигават часови електрична енергија.
Како резултат на поволната хидрологија, како и подготвеноста на електромашинската опрема хидроцентралата во поголемиот дел од постоењето може да се пофали со целосно остварување на годишниот план и негово натфрлување.