Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 42 стипендии

Четириесет и две стипендии од кои 22 на студенти од Фармацевтскиот факултет и 20 на студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје доделува годинава Фондацијата „Трајче Мукаетов“. Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци.

– Фондацијата досега за 12 години додели 500 стипендии на студенти. Од нив стипендија добиле 246 студенти на Фармацевтскиот факултет, а 254 студенти на Медицинскиот факултет. Од овие студенти 197 по фармација и 177 студенти по медицина веќе дипломирале. Веќе 374 студенти стипендисти на Фондацијата имаат диплломирано и дел од нив се дел од работната средина на Алкалоид, 79 стипендисти досега кои завршиле веќе работат во компанијата, а во текот на ноември уште двајца нови почнуваат со работа, истакна денеска на прес-конференција претседателот на Фондацијата  и генерален директор на фармацевтската компанија Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов.

Посочи дека годинава ќе доделат повеќе од стандардните по една еднократна парична награда 1.200 евра во денарска противвредност за првенците на генерација, затоа што годинава има еден првенец на генерација на Фармацевтскиот факултет и четири првенци на генерација на Медицинскиот факултет.

– Тоа се Марио Игњатовиќ со просек 10,00 од Фармацевтскиот факултет, кој е стипендист на Фондацијата и од 15 ноември почнува да работи во Алкалоид АД, Елиф Врајнко, Стефан Пандилов, Влатко Каранфиловски и Никола Манев, сите со просек 10,00 од Медицинскиот факултет и стипендисти на Фондацијата. Стимулирањето и наградувањето на младите таленти се надевам ќе биде дополнителен мотив за испорачување на уште подобри резултати, уште повисоки нивни идни дострели и ќе го подигне и квалитетот во областа здравството и се што е поврзано со развојот на овие дејност. Списоците со стипендистите ќе бидат објавени утре во дневните гласила, рече Мукаетов.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски рече дека наградувањето на студентите е важен момент во нивното студирање и претставува стимул за нив. – Добро едуцирани стручни доктори по медицина и фармацевти претставуваат многу важен дел од здравствениот систем во секоја земја, додаде Јанкуловски.

Деканот на Фармацевтскиот факултет, Светлана Кулеванова истакна стипендијата за студентите по фармација е од многу големо значење и е императив да се има.

Деканот на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска рече дека стипендии добиваат 20 студенти од трета и четврта година на студии по медицина со највисок просечен успех и изрази надеж дека стипендиите ќе бидат дополнителен мотив тие студенти да постигнуваат уште поголеми резултати, да ги надградуваат своите знаење и вештини со цел да станат добри доктори по медицина.

– Оваа наша водечка фармацевтска компанијата во државата со оваа и многу други активности што ги организира се обидува да ги задржи талентираните медицински кадри својата професионална кариера да ја реализираат во сопствената држава во интерес на нашиот здравствен систем. Сведоци сме дека повеќе од 10 години имаме тренд на одлив на кадарот во државата и затоа сметам дека овие активности на Алкалоид се од исклучително значење, додаде Топузовска.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *