За зимско одржување на улиците и патиштата Дебар ќе потроши 2,4 милиони денари

Општина Дебар за зимско одржување на улиците и локалните патишта годинава планира да потроши 2,4 милиони денари.

– Од вкупниот износ 500.000 денари се средства за употреба на општинските возила, 1.550.000 денари за услуги од друга градежна оператива и 350.000 денари за материјал, песок, сол, ладна асфалтна маса и друго. Втората и третата ставка се на тендер кој е во финална фаза, вели Петрит Пачуку, раководител на секторот за урбанизам при општината.

Според него, работите за зимско одржување на општинските патишта и улиците, делниците од регионалните патишта кои минуваат низ населените места, а се изградени како улици, како и работите за одржување на комуналните објекти,тротоарите на подрачјето на општина Дебар за сезоната 2019/2020 година, се утврдени со Програмата усвоена од страна на Советот на општината.

Пачуку нагласи дека улиците и патиштата се поделени во три категории односно според приоритет.

– Прв приортет, каде се предвидува чистење со камион и со ИБЦ машина и песочење со сол и песок се 30 улици низ градот во должина од 16.800 метри, како и девет улици во градот, со должина од околу шест илјади метри кои ќе се чистат со ИБЦ машина без попесочување. Втор приоритет се девет улици во градот кои ќе се чистат со ИБЦ машина и ќе се попесочуваат (2.100 м),14 улици без попесочување (5.860м), како и локалната патна мрежа (28.000м), објаснува Пачуку.

Во трет проритет се останатите улици во градот, каде што не е можен пристап со механизација. Пешачките премини и тротоарите каде нема деловни простории ќе ги чисти Јавното комунално претпријатие „Стандард“.

Пачуку нагласува дека сите потребни активности се реализираат според планот и смета дека општината е спремна да одговори навреме се со цел да има безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *