Здружението Македонско-турско пријателство во соработка со Црвената полумесечина на Измир додели донација од училишна опрема и облека за учениците од двете делчевски основни училишта.
Како што информираа од општината, донацијата е резултат на добрата соработка меѓу Здружението и општината и ќе биде наменета за ученици од семејства во социјален ризик.
– Станува збор за донација која се состои од училишен прибор, јакни и друга облека и е распоредена во општинското основно училиште „Ванчо Прке“, како и во подрачното училиште „Св. Климент Охридски“. Нашите пријатели од Турција слични вакви акции преку поддршка за загрозените категории граѓани, навестија и за наредниот период, истакнаа од општината.
Ова е прва акција на здружението што се спроведува во Делчево.
– Донирањето средства е редовна активност во земјава, но за прв пат во хуманата агенда е ставено и Делчево, како резултат на добрите пријателски односи меѓу вашата општина и Измир. Поголем дел од луѓето од нашето здружение потекнуваат од овие краишта и затоа ни е особено драго што ќе имаме можност и понатаму да помагаме во рамки на нашите можности, потенцираа од Здружението Македонско-турско пријателство од Измир.
Хуманата активност се реализира по повод прославата на 96-годишнината од одбележувањето на Денот на Република Турција.