Претставници на компаниите „Дрекселмајер“, „Кромберг и Шуберт“, „ВИК Македонија“, „Киел Македонија“ и „Брако“, како и на едукативните центри „Нетинг Скул“ и „Реа Дооел“, ја посетија Германската комора за индустрија и трговија во Берлин, која е најголем партнер на стопанството при имплементација на дуалното стручно образование и во која се полагаат стручните испити за сертифицирање.
Во рамки на делегациското патување што го организира Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија во соработка со Министерството за економија и енергетика на Сојузна Република Германија, беа посетени и тренинг центрите ABB, WBS, LD Didactic, GLW и Лукас- Нуле кои нудат обуки за стручна доедукација, доквалификација и преквалификација како за млади така и за возрасни лица, со примена на најсовремени технологии во областа на електроника, автоматизација, мехатроника, роботика, автомобилска индустрија и дигитализација.
-Целта на делегациското патување е запознавање на претставниците на делегацијата детално со моделот на дуално образование кој успешно функционира веќе 150 години во Германија и е германската тајна за постигнување најниската стапка на невработеност кај младите лица во споредба со цела Европа. Преку програмата за дуално стручно образование во Германија може да се едуцираат младите луѓе во 325 професии, а системот се спроведува во 427.224 компании. Северна Македонија се стреми кон тоа да изгради стручно образован кадар, кој ќе биде мотивиран да работи во водечки компании, каде што ќе има можност да се развива и изгради успешна кариера, наведува Делегацијата на германското стопанство.
Дуалното стручно образование во земјава се спроведува по германски модел. Делегацијата на германското стопанство почна со овој проект пред две години, а како резултат на вложените напори, денес се спроведува во 10 компании во пет градови и пет училишта. Осум од нив се германски инвеститори во земјата на кои веќе им се познати придобивките од дуалното стручно образование, една американска и две македонски компании.