Врсничкото насилство и дискриминацијата меѓу младите приоритет на проектот „Младински локални иницијативи“ во Кочани

Врсничкото насилство и дискриминацијата меѓу лицата на иста возраст се детектирани како најважни проблеми со кои се соочуваат младите во Кочани и поради тоа тие имаа главен приоритет во спроведувањето на проектот „Младински локални иницијативи“, чиј носител е граѓанската организација „Младите можат“.

На завршната презентација на проектот се дискутираше за тоа како локалната заедница и Општината можат да помогнат во надминувањето на проблемите, односно дали остварувањето и одржувањето соработка меѓу младите и локалната самоуправа е предизвик или можност за општествен напредок.

– Во текот на изминатиот едногодишен период спроведовме четири активности за надминување на проблемот со врсничкото насилство и дискриминацијата. Организиравме заеднички пикник, ликовен настан под мотото „Плати кафе со уметност“ на кој секој млад човек можеше преку цртеж да го искаже својот став против дискриминацијата, се одржаа ораторски вечери за актуелните проблеми и на крај завршивме со спортски натпревар против врсничкото насилство, истакна Љупка Јорданова, младински активист од Кочани.

Активностите на Здружението „Младите можат“ се насочени кон создавање решителни, способни и независни граѓани кои ќе бидат подготвени да направат позитивни промени и активно ќе учествуваат во развојот на заедницата преку младински и социјален активизам.

– Наша цел е да работиме на зајакнување на демократскиот дух меѓу младите, односно да им овозможиме да развиваат лидерски вештини и да ги поттикнеме да преземат активности за решавање на проблемите во локалната заедница на која припаѓаат. Обезбедивме менторска и логистичка поддршка за реализација на нивните идеи, при што освен во Кочани, проектот ги опфати и младите од Велес, истакна Бранкица Василева од Здружението „Младите можат“.

Во рамки на проектот беа направени анкетни истражувања за потребите и проблемите на младите луѓе, а добиените податоци и заклучоци ќе бидат доставени до локалната самоуправа и невладиниот сектор на локално ниво, како препорака за иницијативите и акциите што треба да се преземаат во наредниот период.

Проектот „Младински локални иницијативи“ е поддржан од Здружението за едукација „Млади инфо интернационал“ преку проектот „Youth Banks Hub for Western Balkans and Turkey”, а е финансиран од Европската Унија и се спроведува од пет граѓански организации во регионот на Западен Балкан.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *