Промоција на самоводечки тури за самоорганизирани туристи

Во земјава првпат беше промовиран нов прогресивен начин на организација на самоводечки туристички тури со мобилна апликација и подготвени рути во природа, како дел од потпроектот „Подобрување на постоечката туристичка понуда на активности во Македонија со изработка, организација и продажба на самоводечки тури за самоорганизирани туристи“.

Потпроектот е спроведен од страна на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТАМ), во партнерство со туристичката агенција „Македонија Травел“, во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) што е финансиран од Европската Унија и од Владата на Република Северна Македонија. Со финансиските средства за ПЛРК управува Светска Банка.

Во рамките на потпроектот се подготвени четири велосипедски и 22 планинарски тури низ целата територија на земјата, а мобилната апликација ги води учесниците кога пешачат или возат велосипед по одбраната рута и им овозможува безбедност.

Според директорката на „Македонија Травел“, Емилија Филдишевска, мапирани се и составени детални визуелни прикази на сите рути со фотографии и со описи за навигација од сите ориентациони точки за полесна ориентација и навигација на корисниците при возењето велосипед или при планинарењето.

-Самоводечките тури се така направени да бидат достапни за секого, овозможувајќи им на корисниците да си ја оформат рутата онака како што ним најмногу им одговара според заинтересираноста и стилот на патување, објаснува Филдишевска.

Понудените тури можат да бидат еднодневни, кои потоа се надградуваат според желбите на корисниците, или пак повеќедневни велотури. Еднодневните тури опфаќаат поголем дел од познатите македонски природни убавини: од Милениумски Крст на Водно до Кањонот Матка, Манастирска тура, тура до домот Караџица, тура до село Оморане, манастирот Св. Никола, изворите на река Бабуна, видиковците на Пелистер, манастирот Трескавец, планинарски тури до врвовите Љуботен, Плат, Титов Врв и Пелистер, планинарски тури до поголемите планински езера и сл. Овие тури можат да се комбинираат и во повеќедневно патување, според желбите и изборот на туристите. Вакви тури има 22 низ позначајните природни убавини на земјата.

Повеќедневните велосипедски тури, пак, се направени во четири варијанти: седумдневна велосипедска тура од Крушево, преку Битола, Преспанско Езеро, Галичица, Охридско Езеро, Охрид и Струга; четиридневна тура низ планински предели на Преспанското и Охридското Езеро со Галичица; и две варијанти на тридневни тури – околу Преспанското и Охридското Езеро.

Мобилната апликација е составен дел на секоја од овие тури. Таа го олеснува целосното патување и навигација низ рутата предвидена со една тура, давајќи им ги на корисниците сите неопходни информации за попатните точки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *