Стратегијата за проширување на ЕУ во фокусот на средбата Димитров-Хан

Претстојната Стратегија за проширување на Европската унија беше во фокусот на денешната средба на маргините на 48. Светски економски форум во Давос меѓу шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Димитров, како што соопшти МНР, ги повтори очекувањата дека Стратегијата ќе го рефлектира напредокот на Македонија во реформските процеси и добрососедските односи, со што ќе донесе дополнителен поттик за реализирање на реална и достижна европска перспектива.

Биле дискутирани и следните чекори неопходни за исполнување на критериумите за интегрирање на Македонија во Унијата, како и за заедничката европска иднина на сите земји од регионот.

На маргините на Форумот, во разговор со бугарскиот премиер Бојко Борисов и со поранешниот британски премиер Тони Блер, меѓу другото, станало збор и за европската иднина на Македонија, како и за конкретните мерки во насока на подобрување на патната и железничката инфраструктура по Коридорот 8.

Димитров го нагласи очекувањето кандидатскиот статус на Република Македонија во ЕУ (стекнат во 2005 година токму за време на британското претседателство со Унијата) да се ефектуира што е можно поскоро, со одлука за почеток на преговори за членство.

Учеството на Форумот во Давос, Димитров ќе го комплетира со средба со потсекретарот за политички прашања на Обединетите Нации, Џефри Фелтман.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *