Центарот за јавно здравје од Кочани ќе набави 3.000 вакцини против сезонски грип

Центарот за јавно здравје од Кочани ќе набави околу три илјади вакцини против сезонски грип, со што ќе се задоволат потребите на граѓаните од осумте општини во регионот кои се под негова надлежност.

По завршувањето на тендерската постапка, се очекува предвидените количества вакцини да пристигнат во почетокот на ноември, а во координација и според упатства од Министерството за здравство набргу ќе почне и вакцинирањето на граѓаните што веќе се пријавиле.

– Вакцините што ќе ги набавиме се четиривалентни, со висок квалитет што се потврди и минатата година. Сите пензионери над 65-годишна возраст се ослободени од плаќањето надоместок за вакцините со оглед што за нив трошоците за набавка ги покрива ресорното Министерство. Имаме најави дека и за вработените во здравствените установи, преку донации, ќе бидат набавени бесплатни вакцини. Само мал дел од количествата што ќе ги набавиме ќе бидат комерцијални, односно по цена од 600 денари ќе можат да ги искористат заинтересираните граѓани, истакна Горан Николов, епидемиолог во Центарот за јавно здравје од Кочани.

Интересот кај граѓаните од регионот за превентива против сезонски грип е голем, трендот има нагорна линија и за три години бројот на вакцинирани е зголемен за околу една третина. Од Центарот за јавно здравје во Кочани и годинава очекуваат сличен одѕив како и лани, кога за првите три дена од вакцинирањето беа потрошени над половина од набавените вакцини.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *