Мора да ги убедиме нашите европски пријатели дека поставувањето пречки на патот кон ЕУ може да има негативни последици како за нас, така и за целиот регион, вели за МИА претседателот на Либерално демократската партија (ЛДП)и министер за локална самоуправа, Горан Милевски, кој денеска и утре ќе учествува на 40-тиот конгрес на ALDE (Европската Алијанса на либерали и демократи) во Атина.
Тој додава дека на конгресот ќе поднесат итна резолуција во која јасно ќе ги потенцираат нашите барања да се промени одлуката на унијата.
Присуството на стотици политичари и високи функционери ќе биде искористено и за лобирање за откочување на евроинтеграциските процеси на земјава, jави дописничката на МИА од Атина.
-Иднината на нашата држава е во Европската унија и тоа на сите ни е јасно. Мора да ги убедиме нашите европски пријатели дека поставувањето пречки на тој пат може да има негативни последици како за нас, така и за целиот регион. Ние, на конгресот поднесуваме итна резолуција во која јасно ги потенцираме нашите барања да се промени одлуката на ЕУ. ALDE се залага за проширување на Европската Унија, а јас ќе се обидам да ги искористам релациите со сестринските партии за и тие да лобираат во наше име во нивните матични држави. Договорена е средба со премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, како и со останати партиски соработници од Европа со кои ќе дискутираме за нашите идни планови и за претстојните избори и поддршката од нивна страна за нашата држава, вели за МИА, претседател на ЛДП, Горан Милевски,.
На настанот ќе присуствуваат околу 800 делегати, вклучително и премиери, европски комесари, носители на одлуки, делегати и индивидуални членови на ALDE од цела Европа.
Тие ќе гласаат за резолуции на теми како земјоделство, животна средина и енергија, култура, едукација и истражување, демократија во ЕУ, единствен европски пазар, надворешни работи, фундаметална слобода и човекови права, социјални политики.