Прв состанок на работната група за изработка на Концепцијата за инклузивно образование

Работната група што треба да ја изработи Концепцијата за инклузивно образование, која произлезе од новиот Закон за основно образование, денеска ја одржа првата работна средба. На неа присуствуваа и министерот за образование и наука Арбер Адеми и претставничката на Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани, кои ја потенцираа важноста на инклузијата.

Концепцијата треба да биде упатство за сите фази од спроведувањето на инклузивното образование во државава и да одговори на сите нејаснотии за кои ќе се дискутира.

Законот за основно образование кој Собранието го изгласа во јули предвидува учениците со посебни потреби да се вклучат во редовното образование и од учебната 2022-2023 година посебните училишта повеќе да не запишуваат ученици. Тие  ќе прераснат во основни училишта со ресурсни центри, кои ќе помагаат за спроведување целосна инклузија во редовните училишта.

– Мислам дека направивме храбар чекор напред со донесување на Законот за основно образование, кој сега мора да се имплементира доследно и затоа е оваа работилница. Треба да развиеме концепција за инклузивно образование со која буквално секое дете ќе има придобивка од законското решение, изјави министерот Адеми пред почетокот на средбата на работната група.

Претставничката на УНИЦЕФ, Ди Џовани истакна дека се работи за исклучително важен сегмент, треба да почне да се применува донесениот закон кој, како што рече, е пресвртница во историјата на нашата земја.

– Она што сега треба да се направи е да се увериме дека секое дете ќе може да има корист од овој новодонесен закон. Ги охрабрувам сите учесници да размислуваат на кој начин сите деца во Северна Македонија ќе може да имаат бенефит од реализацијата на овој закон, додаде претставничката на УНИЦЕФ.

На работната средба учествуваа претставници на МОН и Бирото за развој на образованието, од факултетите за наставници, вклучително и од институтите за педагогија, психологија, специјална едукација и рехабилитација, претставници од НВО-секторот, наставници од редовните училишта, директори на специјални училишта, како и родители на деца со посебни потреби.

Образовните експерти се согласуваат дека по оваа крупна новина имале реакции и сомнежи дека тоа може да профункционира, но велат дека инклузијата никогаш нема да се случи ако некогаш не се почне да се работи на тоа прашање.

Тие нагласуваат дека е важно сите страни да се вклучат во доаѓањето до целта – секое дете да има квалитетно образование, посочувајќи дека инклузијата не се однесува само на деца со пречки во развојот, туку за сите деца кои во текот на школувањето наишле на каков било проблем,

Законот предвидува Концепцијата за инклузивно образование да биде изработена за шест месеци, така што работната група ќе има состаноци во наредните месеци, под водство на Бирото за развој на образованието.

Ќе се користат и позитивни меѓународни искуства што ќе бидат приспособени на потребите на нашето општество. На денешниот прв состанок на работната група учествуваа двајца странски експерти за образование – Филомена Периера од Португалија и Љиљана Симиќ од Србија.