Награди и признанија за првенците од петте прилепски средни училишта

Општина Прилеп ги награди првенците на генерацијата 2015/ 2019 година од петте средни училишта од градот кои дсвоето образование го продолжија на престижни факултети во земјава.

При денешниот прием, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски им ги врачи паричните награди во вредност од 6.000 денари на петте најдобри средношколци: Николче Мојсоски од средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“, Ана Ѓорѓиоска од Гимназијата „Мирче Ацев“ , Христина Нунеска од средното економско-правно училиште  „Кузман Јосифоски-Питу“, Хари Димески од средното училиште „Орде Чопела“ и на Петар Коцев Велкоски од електро-машинското училиште „Ристе Ристески – Ричко“.

Христина Нунеска рече дека отсекогаш нејзин сон била изучуваљето на економските науки, особено финансиите и затоа се запишала на насоката Банкарство и финансии.

– Пред да се запишам во Економското училиште, во деветто одделение го учевме предметот „Иновации“, кој го предаваа професори од средното економското училиште. Уште тогаш се пронајдов во тој предмет, во економијата и главно, во претприемништвото. Се запишав на насоката „Банкарство и финансии“ и поминав преубави четири години во средното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“. Учествував на повеќе натпревари на општинско, регионално и државно ниво каде освоив многу награди. Најдрага ми е наградата која ја освоив на Меѓународната олимпијада по финансиска математика и актуарство, каде го освоив второто место и сребрениот медал. Посебна чест и задоволство ми е што сребрениот медал воедно беше и прв медал за Економското училиште од таков вид. Се запишав на Економскиот факултет во Прилеп, на отсекот „Банкарство и финансии“ и се надевам дека по завршувањето на факултетот ќе магистрирам. Себеси се гледам на работно место во банка, не знам точно во кој оддел, можеби во кредитно одделение, рече Нунеска.

Другите првенци на генерацијата, Николче Мојсоски, Ана Ѓорѓиоска, Хари Димески и Петар Коцев Велкоски, своето образование го продолжија на Медицинскиот факултет, на ФИНКИ, на Природно-математичкиот факултет и на Машинскиот факултет.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски истакна дека тие претставуваат гордост за нивните семејства, за училиштето во кое го завршиле своето средношколско образование, но истовремено тие се гордост и на Прилеп.

– Убаво е чувството да се биде во друштво на млади успешни луѓе. Градот и јас се гордееме со нивните постигнувања и сонивниот успех. Верувам дека со ист таков успех, можеби и уште поголем, ќе го завршат и високото образование и дека еден ден своето знаење ќе го стават во служба на нашата општина и, генерално, на нашата држава, рече Јованоски .

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *