Наследениот долг од 3.357.096 евра денеска е намален на само 632.447 евра. За две години од надворешни фондови со учество на Општина Велес обезбедени се 13 големи инфраструктурни проекти во вредност од над 2,5 милиони евра. Во Општината во тек се повеќе проекти вредни 2.501.031 евра, рече градоначалникот Аце Коцевски на денешната прес – конференција во отчетот за изминатиот двегодишен мандат.
Коцевски посочи дека драстично, ги намалиле трошоците за репрезентација од 21.144 еврa во 2016, на само 1.702 евра оваа година. Ги намалиле и парите за патни трошоци од 22.350 евра во 2016 година на само 6.402 евра годинава што е речиси за четири пати помалку. Посочи дека трошоците за гориво кои во 2016 изнесувале околу 17 илјади евра годинава сега се двојно помалку и изнесуваат 9.635 евра.
-За сите оние што критикуваат дека ништо не е направено во Велес, би сакал да посочам дека според истражувањето на Центарот за равој на Вардарскиот плански регион, состојбата во селата во Велес беше и сеуште е многу лоша.Од 29 села, патна инфраструктура има само во 41,3 отсто или во 12 села, водовод има во 37,9 проценти или 11 села, канализација во седум 7 села (24,1 проценти), а пречистителни станици во само 10 проценти или три села, информира Коцевски.
Тој потенцира дека е незамисливо жителите од руралните населби во Општината во 21 век да газат по кал и да се подложни на заразни болести, заради недостиг на чиста и здрава вода за пиење. Затоа, кажа, се одлучил во првиот дел од мандатот да се посвети на надминување на катастрофалните состојби, а овие проекти биле најзастапени бидејќи биле приоритет и за донаторите.
Коцевски информира дека во областа на инфраструктурата за две години реализирале 680 градежни зафати и активности. Потсети дека во 2016 имало 296 градежни зафати, во 2017 биле 198, а минатата 2018 година 380. Годинава рече, до сега се издадени 300 налози за градежни зафати.
Во областа на образованието во 2018, како што наведе, инвестирале околу 4,5 милиони денари за реконструкција и санирање на училишните објекти, санитарни јазли, кровни конструкции, топловодни системи, за набавка на опрема и изготвување на техничка и проектна документација и изградба и реконструкција на спортски објекти и терени, како и за уредување на дворни места. За истата намена годинава се инвестирани околу 3,5 милиони денари.
Информира дека ги подобриле капацитетите за управување со отпад, а во изминатите две години подигнале 3.000 метри квадратни зелени површини.
Коцевски потсети дека во областа на стратешкото планирање Велес доби СМАРТ Стратегија за паметен град Велес 2019-2030, а Велес стана и прва општина во државата со План за одржлива урбана мобилност во вредност од 47.087 евра. Со планот, додаде, обезбедиле документација за одржлив развој на градот согласно барањата на ЕУ.
Во областа на културата и спортот градоначалникот Коцевски потсети за многуте реализирани манифестации. Во областа на социјалната заштита кажа дека лани реализирале активности и инвестирале 1.655.997 денари, а годинава за таа намена досега се вложени 463.639 денари.
Тој информира дека во Општината во тек се повеќе проекти вредни 2.501,031 евро помеѓу кои: проектот Смарт езеро „Младост“, асфалтирање на постоечки земјен пат помеѓу селата Сливник и Бузалково, изградба на патен правец село Сливник – село Бузалково и изградба на улици во село Сливник, асфалтирање на постоечкиот земјен пат до локалитетот Пешти финансиран од АФПЗРР преку мерка 323 за рурален развој.
ЈКП „Дервен“, рече, по децении стагнација го обнови возниот парк и доби нова механизација вредна 925.955 евра, а дел од механизацијата е обезбедена од парите што како долгови Општината му ги врати на Јавното претпријатие.
Воедно, информира дека во соработка со проектот „Македонија од горе“ Велес е првата Општина во земјава што доби виртуелна туристичка прошетка по најзначајните 18 знаменитости во градот.
Тој потенцира дека во изминатите две години Општина Велес постигнала многу и верува дека резултатите допрва ќе бидат видливи.
-Останува на вас почитувани граѓани, врз основа на овие факти да процените што се е направено во изминатите две години за вас. На сите скептици им порачувам дека Велес наскоро ќе го врати стариот сјај помеѓу водечките општини во државата, рече градоначалникот Коцевски и ги покани граѓаните да бидат дел од патот кон иднината на Велес и како и досега да помогнат со нивната креативност и посветеност на својот роден град,