Грижата за рибниот фонд на Охридското Езеро бара одговорен пристап од сите субјекти, од научните институции, преку инспекторатот до полицијата. На езерото му е потребна поефикасна служба за контрола на изловот на рибата, заклучија денеска на Охрид директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ, претставници на Хидробилошкиот завод и новиот концесионер на Охридското Езеро.
– Навистина е мал бројот на инспектори во овој момент кои се одговорни за следење на состојбите и на другите езера во државата. Треба да се работи на зајакнување на капацитетот. Во координирана активност со полицијата и концесионерот и инспекторската служба со зајакнат капацитет ќе продонесат за поголема заштита на рибата во езерото, изјави Шапуриќ.
Според него, треба да се спроведат мерки и активности на краток и на среден рок за засилена физичка заштита на рибата.
– Концесионерот на средбата рече дека моментално располага со 12 рибочувари со план за зголемување на нивниот број на 40 рибари, како и обезбеден глисер за контрола на езерото. Во тек е постапка за набавка и на глисер за потребите на Државниот инспекторат. Важно е да се вработат уште неколку инспектори имајќи предвид дека со два глисери и повеќе рибочувари ќе се подобри физичката заштита на рибниот фонд во езерото, рече Шапуриќ.
За намалениот рибен фонд во езерото придонесува и слабата контрола на изловот на риба од албанската страна, како и климатските промени.
– Хидробиолошкиот завод заедно со концесионерот треба да споведуваат истражувања за запирање на негативниот прираст на риба во езерото, а истовремено и да спроведуваат активности за конкретна физичка заштита на рибата и спречување на рибокрадството. Секако, тука е важна и соработката со соодветните инситуции и субјекти од другата страна на езерото, истакна Шапуриќ.
Нов концесионер што што наредните шест години ќе стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро е фирмата „Летница Белвица“, која го доби езерото на користење со изменета риболовна основа. Измените се однесуваат во делот на утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, намалени се количините на дозволен улов на охридска белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за Охридската пастрмка, белвицата и крапот.