Меѓународна конференција во Прилеп: Дигиталната економија е неминовност и носи развој

Дигиталната економија е неминовност, има повеќе предности од недостатоци и треба да се приспособиме на новите трендови за развојот на економијата, сметаат европските економски и финансиски експерти кои денеска и утре се дел од меѓународната конференција на прилепскиот Економски факултет, што се одржува по повод 60-годишнината на факултетот на тема „Дигитална трансформација на економијата и општеството“.

Според Драгица Оџаклиеска, декан на Економскиот факултет во Прилеп, целта е на едно место експертите и економската заедница да дебатираат на актуелна и практична тема, зашто, според сознанијата, дури 60 насто од Домашниот бруто производ ќе биде резултат на глобалните активности до 2022 година.

– Оваа конференција, всушнот, е почеток на серијалот настани по повод 60-годишнината од основањето на Факултетот. Мотивите за оваа конференција се од енормниот раст што во последните неколку години го бележат мобилните и дигиталните технологии. Проценките упатуваат на сознанијата дека 60 проценти од глобалниот БДП ќе биде резултат на глобалните активности до 2022 година. Сите овие процеси и имликацијата од дигиталната трансформација врз развојот, претставуваат клучен предизвик за истражувачите во светот. Целта на Конференцијата е на исто место да се обединат претставниците на бизнис и академската заедница за да споделат знаења, искуства, резултати од научните истражувања со што би придонеле за натамошен развој на науката и на општеството, рече Оџалкиеска.

За конференцијата се пријавени трудови од над 150 автори (економски и финасиски експерти) од повеќе држави, меѓу кои: Велика Британија, Финска, Турција, Словенија, Хрватска, Србија.

Потребно е да го промениме начинот на комуникација за подобра економија. Традиционалните работни места се затвораат и се отвораат нови, смета Сара Вилјамс, економски експерт, универзитетски професор од Велика Британија.

– Економијата сѐ повеќе станува дигитална, зашто се поголем е начинот на комуникацијата со потрошувачите преку дигиталната технологија и интернетот, особено мобилната телефонија. Оттука, треба да го промениме начинот на комуникација, да го препознаваме начинот на кој ја користиме технологијата со потрошувачите. Организациите се менуваат бавно и треба да го промениме тој начин на кој се комуницира со потрошувачите. Тоа мора да го направиме, зашто луѓето постојано купуваат „онлајн“. Традиционалниот начин на комуницирање во земјата од која доаѓам веќе изумира, зашто сѐ повеќе луѓето купуваат „онлајн“. Традиционалните работни места, на некој начин ќе се затворат, изјави Вилјамс.

Во најголема опасност се земјите во развој кои мора да вложуваат во иноваторството, смета Небојша Стојчиќ од Универзитетот во Дубровник, Хрватска

– Дигиталната трансформација претставува опасност или закана за постојниот модел на пораст на стопанствата во развој. Конкретно, со доаѓањето на вештачката интелигенција и со автоматизацијата на производството, постојните активности со кои овие земји учествуваат на светскиот пазар сѐ повеќе се преместуваат назад во развиените земји од кои пред две-три децении доаѓале во земјите во развој и на тој начин го овозможувале нивниот пораст. Затоа, иднината на земјите во развој бара зајакнување на иновациските капацитети и профилирање во високотехнолошкиот и софистициран сегмент на пазарот. Тоа бара соработка не само со европски, туку и со партнери од целиот свет. Денес сведочиме дека едноставните работни места за кои се бараше евтина работна рака во Источна Европа, сега се враќаат на Западот, рече Стојчиќ.

Расим Јилманс од Турција нагласува дека информациските технологии ќе влијаат врз намалувањето на нееднаквоста на доходот, на сиромаштијата и ќе го зголемат човековиот развој, а инвестициите во информатичките технологии би ги намалиле проблемите при заштитата на животната средина. Многу ќе помогнат инвестициите во образованието, во информатичките технологии, во компјутерите, и во интернетот.

– Мојата студија покажува дека доколку се зголеми пристапот до информатичките технологии кај сиромашните луѓе, тие ќе го подобрат нивниот доход. Затоа ќе ги советуваме Владата и меѓународните организации колку што е можно повеќе да инвестираат во дигиталните технологии и во образованието, како алатки за да се намалат сиромаштијата и нееднаквоста на доходот, изјави Јилманс.

Во земјава „дигиталниот“ бран доаѓа, присутен е во речиси сите индустрии, особено во сферата на финансиите, објаснува Глигор Бишев, финансиски експерт.

– Сведоци сме дека најнапредните, динамичните земји сѐ повеќе се дигитализираат и токму тие создаваат најмногу работни места. Ако претходно се сметаше спротивното, дека нема да овозможи нови вработувања, се покажа спротивното: од една страна, се роботизираат и се автоматизираат одредени мануални процеси, а од друга страна, оние кои се високоиновативни и стручни, тие сѐ повеќе бараат човечка димензија, високостручен кадар. Од тој аспект, искуството покажува дека во последните години, со порастот на дигитализацијата се создаваат нови, креативни и повеќе платени работни места, вели Бишев.

Според него и во земјава доаѓа овој бран кој е присутен во речиси сите индустрии. Смета дека македонскиот финансиски систем ги следи сите трендови, да може да се отвори сметка по интернет, да има мобилно банкарство, да се плаќа со картичка преку мобилен телефон, преку банкомати, да се вршат меѓународни трансакции.

– Филијалите повеќе ќе служат како место за совети, а трансакциите ќе се одвиваат на флексибилен начин, од кое било место. Во почетокот, секоја нова технологија создава отпор, но сега, новите генерации, кои не паметат факсови, туку комуницираат по електронска пошта,  имаат нови начини на комуникација. И тоа е напредок, објаснува Бишев.

Учесниците на 11 меѓународна конференција на приелепскиот Економски факултет ќе работат интензивно и утре.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *