Независни Грци со непроменета позиција за името по средбата Заев – Ципрас

Помалиот коалицискиот партнер во грчката Влада, партијата Независни Грци, не отстапува од позицијата во името да не биде вклучен терминот Македонија. И по средбата во Давос на премиерите на двете земји, се чини дека Независни Грци не го променија ставот.

Дописникот на МИА од Атина јави дека портпаролката на партијата, Мадалена Пападопулу за грчката ТВ Скај соопшти дека нема промена во позицијата на партијата, затоа што станува збор за цврст став изразен на нивните конгреси, но и на неодамнешниот национален совет.

– За нас, за Независни Грци, името се идентификува со иредентистички визии на соседната земја, рече Пападопулу и додаде дека партијата му му верува на шефот на грчката дипломатија, затоа што „води повеќе димензионална надворешна политика и има позитивни резултати“.

Во однос на закажаниот протест во Атина, на 4 февруари, Пападопулу вели дека како и минатиот пат, за протестот во Солун, така и сега Независни Грци му порачуваат на народот да дејствува според свеста и да реши дали ќе учествува или не. Лично таа, рече дека ќе присуствува.

За прашањето со името и закажаниот протест во Атина, со одлука на претседателот на Независни Грци и министер за одбрана, Панос Каменос, партијата, јавува дописникот на МИА во Атина, во понеделник ќе одржи заеднички состанок на парламентарната група и на извршниот комитет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *