Патувачкиот саем на книгата на албанските издавачи во Дебар

Во рамки на патувачкиот саем на книгата што се одржува под мотото „Патување со книгата“ десеттината издавачи од нашата земја, од Албанија и од Косово денеска се претставуваат пред љубителите на пишаниот збор во Дебар.

Организатор на овој културен настан е Здружението на албански издавачи, а на штандовите се изложени најнови, но и постари изданија на книги од повеќе жанрови.

-Здружението е формирано во 2000 година и во овој 19-годишен период сме организирале многу саеми, тркалезни маси, промоции. Исто така, сме учествувале на многу саеми во земјава и надвор од неа. Патувачкиот саем стартуваше од Куманово, бевме во Скопје, Гостивар, Кичево, денеска сме тука, а утре во Струга, рече претседателот на Здружението Абдулмеџит Салиу.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Дебар, Хекуран Дука, кој рече дека како локална власт подржувале и ќе подржуваат вакви активности, и повика на поголема посетеност на саемот и секој да си одбере од понудените наслови.

Последната станица на патувачкиот саем ќе биде Тетово, каде од 23 до 27 октомври, во Центарот за култура се одржува традиционалниот саем на книгата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *