Институтот за општествени и хуманистички науки (ИОХН) денеска ќе ја промовира публикацијата „Поларизацијата како средство за популистичко владеење и како да се надмине: Анализа базирана на македонскиот случај на социо-политичките напори за надминување на состојбата на „заробена држава” како главна одлика на управувањето“.
– Публикацијата е резултат на повеќегодишно следење и анализа на состојбата со „заробената држава” во земјава, популистичките изблици на политичките елити, мобилизацијата на популистичкиот дискурс во создавање на политички непријатели, манипулација со емоциите и создавање поделби во јавниот простор (медиумите, социјалните мрежи итн.), соопшти Институтот за општествени и хуманистички науки (ИОХН).
Оттаму посочуваат дека публикацијата претставува аналитички и фактографски обид за справување со феномените на популизмот и дискурзивната креација на политичкиот Друг.
Промотор на публикацијата ќе биде Гордан Георгиев, раководител на проектот, а свои коментари во дискусијата ќе даде Ана Петрушева, директор на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) Македонија.
Оваа публикација претставува и завршен документ на проектот чиј главен фокус е во областите на помирување, транзициска правда и деполаризација на јавниот дискурс кој Институтот го реализираше изминатата година во соработка со фондацијата National Endowment for Democracy (NED), се наведува во соопштението од ИОХН.