Научник Македонец во Бостон работи на откривање на метаболизмот на бактериите и последиците врз здравјето на човекот

Педесетгодишниот Македонец Илија Дуковски е дел од тимот научници на Бостонскиот универзитет каде што периодов се работи на создавање компјутерски модели на метаболизмот и сличните процеси на бактериите што се во организмот на луѓето. Изминатите две години се работи на три процеси и проекти поврзани со откривање резултати од метаболизмот на бактериите.

– Првиот се однесува на цревниот микробиом, т. е. бактериите што живеат во цревата на луѓето. Бактериите во нашите црева имаат важна улога за нашето здравје. Промени во составот на микробиомот често се појавуваат истовремено со стомачни заболувања. Причините за ваквите промени сè уште не се разјаснети. Се претпоставува дека промените во метаболизмот на бактериите и нивната интеракција преку размена на метаболити играат суштинска улога за здравјето на домаќинот. Мојата работа се состои во создавање компјутерски модели на метаболизмот на овие бактерии. Целта е да се разјасни размената на метаболити помеѓу бактериите и цревата на домаќинот, објаснува Дуковски.

Тој додава дека вториот проект е симулирање раст на тумори. Во основа на овие симулации, вели, е моделирањето на метаболизмот на клетките на рак. За разлика од нормалните клетки кои респирираат кислород, т. е. дишат, клетките на ракот не дишат на истиот начин, иако кислородот им е достапен. Оваа појава, т.н. Варбургов ефект, комбинирана со модел на раст на ткивото на тумор е во фокусот на овој проект.

Третиот проект, како што рече, се однесува на физичките аспекти на раст на бактериски колонии. Проект во кој физиката на механичка интеракција помеѓу клетките ќе има главна улога.

Претходно на Универзитетот работел на процесот на откривање производство на биогориво од растителен материјал, целулоза, чиј резултат во иднина треба да биде намалување на загадувањето на животната средина на светско ниво. Се смета дека користењето биогорива како обновливи извори на енергија наместо сегашните фосилни горива ќе ги намали стакленичните гасови и токсичните материи во воздухот што ја уништуваат озонската обвивка на планетата, а со тоа ќе се намалат негативните климатски промени и последици по флората и фауната насекаде низ светот.

– Целта на истражувањето беше формирање заедница на бактерии што би произведувала биогориво од растителен материјал, целулоза. Во таквата заедница би учествувале неколку видови бактерии што меѓусебно разменуваат метаболити. Метаболитите се хемикалии што се производ на метаболизмот на еден вид, а служат како нутриент (храна) на друг вид. Конечниот производ на ваквиот синџир на размена на метаболити би бил биогориво. Заради тоа, познавањето на метаболизмот на бактериите е клучно при изборот на видовите што ќе го сочинуваат синџирот на производство на биогориво, вели Илија.

Системската биологија како област во која работи Илија заедно со колегите од Универзитетот и е насоката што треба да биде основа за создавање на новите видови горива. Претставува нова научна област, која почнува кон крајот на 90-тите години, овозможена од развојот на компјутерската техника со која се следат процесите. Илија се занимава со проучување на метаболизмот на бактериите.

– Системската билогија се занимава со оние својства на организмите што можат да се уочат само ако клетките се изучуваат во целост, како систем. Така на пример, клеточниот метаболизам со методите на системската биологија се проучува како мрежа на сите хемиски реакции присутни во клетката. Во системската билогија се користат математички и компјутерски методи, па дури и методи позајмени од теориската физика, објаснува научникот.

Дуковски е роден во Полска, како дете на сопружници, бегалци од егејскиот дел на Македонијa, односно Грција. Во 1972 година неговото семејство доаѓа да живее во Тетово, каде што Илија го поминува детството. По завршувањето гимназија во Тетово, се одлучува за физиката како насока во која ќе го продолжи образованието, и тоа на Природно-математичкиот факултет во Белград (1989-1995). Од 1996 година постојано е во Америка, каде што на Универзитетот на Масачусец во Амхерст до 2001 година ги завршува постдипломските студии и докторските студии по статистичка физика. Од 2001 започнува и постдокторски студии по полимерна наука, а воедно врши и научноистражувачка работа. Следуваат девет години работа во инудстријата на полупроводници, а потоа се занимавал со компјутерски симулации за развој на полупроводнички материјал. Од 2012 година е дел од Бостонскиот универзитет каде што го проучува метаболизмот на бактериските колонии.

– Мене од основно и средно училиште ме интересираа и физиката и биологијата, а ја имав таа среќа да ја почнам кариерата во физиката, а да продолжам кон биологијата во САД. Во Америка има одлични можности за луѓе кои ги интересира науката. Бостон е град со голем број врвни универзитети. Биолошките науки исто така се во подем во Бостон и воопшто во САД и светот. Ако во 20 век најголемите научни достигнувања беа во областа на физиката, 21 век изгледа ќе биде век на биологијата, проценува научникот.

Бостонскиот универзитет, кој е формиран во 1839 година, е еден од најпрестижните истражувачки центри во САД. На Универзитетот има повеќе од 3.900 лица наставен кадар, а речиси 10 илјади со администрацијата. Студираат околу 33.000 студенти на дипломски, постдипломски и докторски студии. Ја поседува категоризацијата Р1-докторски универзитет (многу висока истражувачка дејност) во Карнеги класификацијата на институциите на високото образование во САД и е на 32. место меѓу светските универзитети од САД. На Унивезитетот се образовале осум добитници на Нобелова награда, 23 на Пулицерова награда и уште многу други успешни луѓе од целиот свет. Во 1876 година, професорот Александар Греам Бел го измислил телефонот во лабораторија на Универзитетот. Водачот на движењето за граѓански права д-р Мартин Лутер Кинг Јуниор во 1955 година во Бостонскиот универзитет ја стекнал докторската титула.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *