Меѓу 1.700 претставници од над 140 земји – членки на Интерпарламентарната унија (ИПУ) и 70 претседатели на парламенти, во Белград на 141-то Собрание на Унијата присуствува и делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од претседателот Талат Џафери.
Главна тема за дискусија на 141-то Собрание на ИПУ, која денеска почна со работата е „Зајакнување на меѓународното право: парламентарни улоги и механизми и придонесот за регионална соработка“.
– Македонското Собрание во континуитет ги следи годишните собранија на Унијата, а Северна Македонија на темата за улогата и придонесот на парламетите во регионалната соработка има што да покаже во контекст на напорите што ги прави на ова поле, изјави Џафери.
На маргините на сесиите на Интерпарламентарната унијата предвидени се билатерални средби со претседатели на парламентите на повеќе земји. Покрај учеството и работата на Генералното собрание, пратениците од собранието, како дел од делегацијата, учествуваат во повеќе комисии, во кои се третираат теми во однос на улогата на младите во парламентот, улогата на жените во парламентот и во општеството и зачувување на животната средина во контекст на глобалното затоплување.
– По предлог на земјите членки на ИПУ, предложени се и дополнителни точки, а една од нив, за што е потребно и да се гласа, во групата „12+“ каде што и ние учествуваме, е разгледувањето на интервенцијата на Турција во Сирија и во тој контекст сметам дека придонесот на сите нас треба да е во контекст на зачувување на општиот мир во регионот и дека прашањата треба да се решаваат по пат на дијалог и соработка меѓу институциите и меѓу државите, изјави Џафери.
На Собранието на Интерпарламентарната унија која се одржува во Белград од 13 до 17 октомври, во делегацијата се пратениците Диме Велковски, Јован Митрески, Димитар Стевананџија, Агим Шаќири и Јулиана Николова и генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова.
Комисиите на Интерпарламентарната унија дискутираат за бројни прашања од нивната надлежност, меѓу кои: парламентарни стратегии за зајакнување на мирот и безбедноста во пресрет на предизвиците и конфликтите што произлегуваат од климатските катастрофи и нивните последици, актуелизирање на дигитализацијата и циркуларната економија за постигнување на целите за одржлив развој, одговорна потрошувачка и производство, постигнување на универзално здравствено покривање до 2030 година–улогата на парламентите за гарантирање на правото на здравје, криминализација на перењето на пари, унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на моќта на младите…
Предвидено е утре Џафери да говори на Генералното собрание на Унијата, а во рамки на повеќето билатерални средби, покрај веќе одржаните со претседателите на собранијата на Иран и Словенија, предвидено е во четврток тој да има средба и со претседателката на српското Собрание, Маја Гојковиќ.
Во рамките на 141. Собрание се одбележува 130-годишнината од формирањето на Интерпарламентарната унија и 70-годишнината од Женевската конвенција.
This was a fantastic read. The analysis was spot-on. Interested in more? Check out my profile for more engaging discussions!