Повик за номинации за наградата „Роберто Беличанец“

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари и медиумски работници да номинираат медиум за годишната награда „Медиум промотор на новинарството како јавно добро – Роберто Беличанец“.

– Тргнувајќи од премисата дека демократско општество кон кое земјава се стреми е можно само доколку новинарството се третира како јавно добро, како инструмент преку кој власта е под постојана контрола и преку кој се заштитува јавниот интерес, минатата година ја воспоставивме оваа годишна награда што го носи името на прерано починатиот борец за слобода на изразување и експерт за медиуми, Роберто Беличанец, информира ССНМ.

Признанието, како што се наведува во соопштението, ќе се додели на медиумот кој ги задоволува критериумите: континуирано чувство за општествена одговорност, третирање на новинарството како јавно добро преку залагање за слобода на изразување, придржување до кодексот на новинари, третирање на теми од јавен интерес, како и коректен однос кон вработените – почитување на нивните работнички и професионални права.

Комисијата за избор на добитник на оваа награда номинации ќе прима до 27 октомври, а новинарите и медиумските работници номинациите може да ги испраќаат по електронска пошта на ssnm.info@gmail.com или на фејсбук страната на ССНМ.