Пратениците на ВМРО ДПМНЕ се враќаат во Собранието и со амандмани ќе го подобруваат Законот за јазици, а откако повторно ќе биде изгласан ќе оди на мислење во Венецијанската комисија, по што добиените забелешки ќе бидат вградени во законот.
Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски вчера го повтори владиниот став дека Законот е во согласност со Уставот на државата и оти е изгласан во демократска атмосфера, со поддршка од мнозинството пратеници.
– Владата на 4 август 2017 година донесе заклучок дека Законот по усвојување во Собранието ќе оди цел на мислење до Венецијанската комисија, а кога ќе се врати во Република Македонија постои политички консензус и политичка волја сите забелешки и мислења на Венецијанската Комисија ќе бидат имплементирани во истиот закон, рече Бошњаковски.
Тој повтори дека сумата за имплементација на Законот е 106 милиони денари и дека не се предвидени дополнителни трошоци ниту нови работувања туку ќе се користат постојните вработени во државната администрација. Законот откако ќе почне да се применува ќе биде направена дополнителна анализа.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се враќаат во парламентот поради инатењето на предлагачите кои, според нив, на сила сакаат да го истуркаат неуставниот закон за двојазичност кој е на штета на Република Македонија.
– Затоа ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе сторат се што е во наша моќ за да се спречи ваквата деструктивна политика. Пратеничката група ќе се врати во собраниските клупи и со амандмани ќе се обиде да го превенира донесувањето на неуставниот закон, соопштија од опозициската партија.
Законот за употреба на јазиците беше донесен на 15 јануари од парламентарното мнозинство во отсуство на опозијата. Претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпиша указот за негово прогласување туку го врати назад во Собранието со забелешки на текстот на законот образложени на 14 страници. Законот повторно ќе биде ставен на гласање пред пратениците на 29 јануари.