Патот покрај езерото Мантово, од село Габревци до Влашките колиби, во должина од 6,5 километри, целосно ќе се обнови, информираат од општината.
-Деновиве активно се работи на обележување на трасата која треба да се рехабилитира со нов асфалтен слој и се очекува во најскоро време да се започне со изведување на проектот, рече градоначалникот на Конче, Благој Илиев.
Во рамки на проектот „Подобрување на пристапоност и атрактивност на Сончевата езерска населба Мантово“, вреден 280 илјади евра, е предвидено и мапирање и одбележување на две пешачки патеки од 3 километри, осветлување на улиците на „Влашките колиби“, и поставување урбана опрема во туристичката населба Мантово.
Со проектот треба да се подобри пристапот до викенд населбата Мантово, која станува атрактивна туристичка дестинација, со одличната местоположба и природни убавини, кои ги има покрај езерото Мантово.
Проектот за локална и регионална конкуретност е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија.