На сметката на прилепската локална самоуправа од Владата стигнаа околу 2,5 милиони денари наменети за решавањето на проблемот со трафостаницата и квалитетното напојување со електрична енергија во населбата „Три багреми“ под Марковите кули, каде живее ромско население, изјави денеска прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, по средбата со надлежните од министерството без ресор и со ЕВН.
Според Јованоски во наредните два дена треба да се потпише договорот меѓу општината и ЕВН за да почне рализацијата на проектот.
– Претходно беше склучен договор меѓу владата и ЕВН, а сега мора да се регулираат односите со потпишување договор помеѓу локалната самоуправа и ЕВН. Парите на сметката на локалната сампуправа се стигнати и по завршувањето на техничката документација ќе може на терен да се реализира ветеното за да се реши долгогодишниот проблем за 100-ина домаќинства од населбата „Три багреми“, рече Јованоски.
Се очекува до март населението да има квалитетно напојување со електрична енергија. Според пратеникот, поранешен министер без ресор Самка Ибраимоски ќе се реши голем проблем.
– Со овој проект ќе се реши проблемот со напојувањето со електрична енергија во населбата за нормално напојување за домаќинствата, вели Ибраимоски.
Новиот министер без ресор Аксел Ахмедоски најави дека перманентно ќе се реализираат и другите проекти за ромското население.
– Се договараме со прилепската локална самоуправа и со градоначалникот за динамиката за реализирањето на проектите од стратегијата за подобрувањето на животот на ромското население, вели Ахмедоски.
За невладината „Рома С.О.С“ како иницијатор за решавањето на проблемите што ги има ромското население, ова значи подобрување на условите за живот на ромското население.
– Домаќинствата во населбата „Три багреми“, конечно ќе добијат квалитетно напојување со електрична енергија. Во втората фаза ќе треба да се легализираат приклучоците на домаќинствата кои тоа досега не го направиле. Со ова се подобруваат условите за живот во оваа сиромашна ромска населба, рече Несиме Салиоска, претседател на невладината „Рома С.О.С.“
Прилепските локални власти најавуваат дека наредните месеци ќе се решаваат и другите инфраструктурни проблеми во оваа и во населбата „Тризла 2“. Во Прилеп живеат над 5 000 роми.