Прочистувачи на воздух донирани во битолски градинки

На иницијатива на битолската млекарница, а во соработка со компаниите „Кромберг и Шуберт“ и „Синпекс“, денеска во Битола беа донирани 14 прочистувачи за воздух со врвен квалитет, наменети за детските градинки „Естреа Овадија ‒ Мара“ и „Мајски Цвет“ со сите свои клонови.

На донаторскиот настан во Битола, градоначалничката Наташа Петровска, јавно се заблагодари на компаниите кои својата општествена одговорност ја потврдија и посветија на децата од овој град.

– Се радувам што имаме вакви компании кои знаат што е суштината на општествената одговорност и истата ја искажуваат токму кај најосетливата категорија – нашите деца. На овој начин се покажува, дека не само формално пристапуваме кон она што значи – децата се наша иднина, туку навлегуваме во суштината на тој пристап. Како локална самоуправа чувствуваме уште поголема одговорност кон сите стопанственици, затоа што стопанственици кои имаат благопријатна клима во општината, можат, развивајќи го својот бизнис, да овозможат и вакви донаторски акции, важни за нашата средина, истакна Петровска на донаторскиот настан во Битола.

Според Поликсена Јанкуловска, маркетинг менаџер во БиМилк, здравјето на децата секогаш е во фокусот на битолската млекарница.

– Се надевам дека и другите компании ќе се вклучат во акцијата, со цел полесно и побргу да се обезбедат сите потребни прочистувачи и со тоа заеднички да придонесеме за подобро здравје и секојдневие на децата, истакна Јанкуловска.

Детските градинки „Естреа Овадија – Мара“ и „Мајски Цвет“ располагаат со вкупно 16 објекти во кои се лоцирани 67 занимални за дневен престој на децата. Со цел покривање на цела функционална површина, општината и бизнис секторот во овој град ќе продолжат со акции за дополнителна набавка на прочистувачи за воздух, беше нагласено на денешниот донаторски настан во Битола.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *