ЦЈЗ Куманово: Нецелосно вакцинираните да го проверат вакциналниот статус и да се вакцинираат

 Сите кои подлежат на вакцинација, кои не се целосно вакцинирани, да го проверат вакциналниот статус и навремено да се вакцинираат, апелираа денеска од Центарот за јавно здравје Куманово.

Oттаму наведуваат дека шестмесечното бебе од Куманово, заболено од морбили, за кое вчера информираше Комисијата за заразни болести, е прв потврден случај на заболен од мали сипаници од 2011 година, на подрачјето на Куманово.

– Детето е од градот, но на таа возраст не подлежи на вакцинација против морбили. Центарот за јавно здравје спроведе епидемиолошко истражување на вакционалниот статус на останатите деца од семејството од реонот што го покрива, контактите. Другите две деца од семејството се вакцинирани, изјави епидемиологот  Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје.

Од Центарот информираат дека опфатот со вакцина против мали сипаници на подрачје на Куманово и останатите општини кои ги покрива Центарот, исто како и во Македонија е во опаѓање во последниве години, особено во градското подрачје и се движи околу 80 проценти, што според лекарите е незадоволително.

Тимовите кои ги вршат вакцинациите, на неделно ниво ги проверуваат картоните, ги откриваат случаите на невакцинираните или оние кои не ги примиле потребните дози, по што се праќаат извештаи до надлежната инстиитуција.

– Бројот на вакцинирани на неделно ниво расте, но се уште е незадоволително и се должи на антивакциналната кампања кон оваа вакцина, рече Стаменковска.

Посочи дека и матичните лекари треба да им укажат на пациентите за бенефитите од навремена вакцинација и на родителите да им се разјаснат дилемите на родителите за оваа и за останатите вакцини. Според неа, колку е поголем опфатот, толку поголема е заштитата од вирусот.

Во 2010 година на подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје-Куманово имало 89 заболени од мали сипаници, а во 2011 година биле регистрирани 11 случаи.