Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска го прими новоименуваниот амбасадор на Кина во државава Џанг Ѕуо пред кого изразил очекување ека односите и севкупната соработка меѓу двете земји дополнително ќе се продлабочат и интензивираат.
– На средбата беше изразено заемно задоволство од воспоставениот политички дијалог меѓу двете земји, како и од степенот на развој на економската соработка, што ги вклучува и активностите и проектите во рамки на „Процесот 17+1“. Димитров исто така ја истакна подготвеноста за понатамошно унапредување на севкупната соработка, соопшти МНР.
Амбасадорот Ѕуо, стои во соопштението, го нагласи своето задоволство што доаѓа во пријателска држава со која минатата година беа одбележани 25 години дипломатски односи. Тој истакнал дека за време на неговиот мандат во Република Северна Македонија, ќе работи на натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и издигнување на економската соработка на уште повисоко ниво.