Порака од претседателот Пендаровски по повод Јом Кипур: G’mar chatima tova

Претседателот Стево Пендаровски по повод еврејскиот празник Јом Кипур, денеска упати порака до претседателката на Еврејската заедница во Република Северна Македонија, Берта Романо – Николиќ и до припадниците на Еврејската заедница во земјава.

– Почитувана г-ѓа Берта Романо – Николиќ, Јом Кипур е најсветиот еврејски празник. Вам лично и на сите припадници на Еврејската заедница во Република Северна Македонија од се срце ви посакувам празникот на покајанието, искупувањето и помирувањето да го поминете во добро здравје, среќа и љубов. Молитвите кон Бога и постот како столбови на овој празник нека ви донесат духовен мир и нека инспирираат добри дела, се наведува во пораката на шефот на државата.

Тој притоа тој во пораката да го нагласува значењето на Еврејската заедница за нашата држава.

– Иако малобројна, вашата заедница има нераскинлив удел во градењето на македонскиот соживот и во негувањето на почитта и разбирањето помеѓу припадниците на различните етнички и религиозни групи. Вашите традиции и обичаи имаат оставено длабок печат врз останатите заедници, вткајувајќи се трајно во вредностите на нашето општество. На овој голем празник посакувам и понатаму сплотени да работиме на просперитетот на нашата заедничка татковина и да делуваме за нејзин просперитет и напредок. G’mar chatima tova, се нагласува во пораката на претседателот Пендаровски по повод Јом Кипур.