Сликите од Струмичката ликовна колонија во штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“

Делата од годинашнава Струмичка ликовна колонија од денеска се изложени во изложбениот салон при Домот на култура „Ацо Шопов“. Претседателот на Комисијата за култура при Советот на Општина Штип, Иван Бојаџиски на  отворањето на  изложбата, на која присуствуваа и средношколците од Гимназијата „Славчо Стојменнски“, истакна дека штипјани имаат чест да ги видат  сликите од 56-та по ред Струмичка ликовна колонија.

– На изложбата се претставени делата на уметниците кои беа учесници на годинашнава ликовна колонија која траеше од 1 до 12 август. На ликовната колонија во Струмица учествуваа  вкупно 14 уметници од Бугарија, Полска, Грција, Србија, Русија, Америка, и од нашата држава, вели Бојаџиски.

Забележа дека Струмичката ликовна колонија е една од најстарите колонии во нашата држава, уметници од разни земји во изминатите 56 години насликале над 700 дела.

– Голем дел од нив се останати во Струмица, а освен во Центарот за култура „Антон Панов“, тие ги красат просториите и на бројни институции и стопански организации во градот под Беласица.Тоа значи дека Струмица е една голема уметничка галерија, рече Бојаџиски.

Познатиот ликовен уметник и професор по ликовна уметност, Кире Казанџиски на штипските гимназијалци им предочи дека постои голема разлика од творење во атеље и на ликовна колонија. Дружењето и размената на идеи на самите колонии значат и дополнителна мотивација и порив да се создаде едно дело.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *