Со претставата „Ниту ваму, ниту таму“ отворен фестивалот „Албански театар во Македонија“

Во Центарот за култура во Дебар синоќа свечено беше отворено 18-то издание на фестивалот ,,Албански театар во Македонија“.

Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот Хекуран Дука, а честа први да се претстават пред дебарската публика им припадна на членовите на кумановскиот театар-албанска драма со претставата „Ниту ваму, ниту таму“ во драматизација на Илир Ајдини а во режија на Кастриот Абдили.

-Чест ми е да ја прогласам за отворена оваа значајна манифестација,по која е препознатлив нашиот град, чии граѓани знаат да препознаат што значи добра претстава и соодветно да ја наградат. Дебар и сите ние, неговите граѓани, се гордееме што сме домаќини на познати театарски куќи. Ветувам дека како локална власт ќе продолжиме,во рамки на нашите можности, да го подржуваме одржувањето на фестивалот,рече меѓу другото Дука.

Поздравајќи ја публиката и гостите од неколку градови од земјава, како и од пограничниот албански град Пешкопеа, директорот на фестивалот Илбер Нуредини најави дека во следните фестивалски денови ќе се претстават театри од Тетово, Ѓирокастро, Урошевац, Прешево, Гњилане и Приштина.

-И ова издание е подржано од страна на Министерството за култура на Македонија со 600 илјади денари,но без подршка на локалната власт и спонзорите тешко дека можеше да се реализира во целина. И вечерва од тука го повторувам барањето до Министерството за култура фестивалот да биде институциоонализиран и да добива доволно средства за негово одржување, рече Нуредини.

Фестивалот завршува на 11 октомври кога пред доделувањето на наградите за најдобра претстава, режија, актер и актерка, пред дебрани, вон конкуренција ќе настапи косовскиот националнен театар со претствата „Корчарски карневали“ во режија на Алтин Баша.