Шилегов: Има доволно време да се вклучат сите засегнати страни во изработка на новиот ГУП на Скопје

Во подготовката на новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје (ГУП), што ќе важи од 2022 до 2032 година, повеќе од потребна е поддршката не само од Министерството за транспорт и врски, туку и од поширок круг стручни лица од различни области, од невладиниот сектор, од академската заедница и од граѓаните, имајќи предвид дека се работи за сложен и сеопфатен процес.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти скопскиот градоначалник Петре Шилегов, по остварената работна средба со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески за подготовката на новиот ГУП на Град Скопје.

– Генералниот урбанистички план на Град Скопје е стратешки развоен план со општи елементи од просторниот развој во текот на наредната декада. Се донесува во услови на творечки процес на планирање со учество на сите субјекти и институции од територија на Град Скопје. Планот ги дефинира основните наменски употреби на површините, ги претставува главните насоки на развојот на нашиот град и ја регулира главната инфраструктура, рече Шилегов. Тој додаде дека има доволно време да се вклучат сите засегнати страни во изработката на новиот ГУП.

Претходниот ГУП на Скопје е усвоен во 2012 година, а до денес, како што рече, се извршени многу парцијални измени во просторот, главно измени на програмите и локациите за определени содржини.

– Моите заложби како градоначалник се однесуваат за рационално, контролирано и флексибилно ширење на Град Скопје во насока на обезбедување одржлив развој. Визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент на просторната комуникација, соодветно планирање на комуналната инфраструктура, посебно од аспект за инфраструктура за прифаќање, селектирање, рециклирање и депонирање цврст и друг вид отпад, како и реконструкција на досега изградените простори и блокови во простори со повисок комунален, но и амбиентален стандард, рече Шилегов.

Тој смета дека Скопје треба да биде зелен град, со многу внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори од досегашните, планиран сообраќај што ќе одржи урбана одржлива мобилност и комунална инфраструктура што целосно ќе биде во функција на обезбедување чиста и здрава животна средина. Верува дека Скопје ќе се развива и шири на тој начин што ќе се релаксира од претерана урбанизација јужниот дел од градот, на сметка на рационално користење на неискористените, а се уште слободни површини на северниот дел на градот. Во изработката на новиот ГУП изрази надеж дека ќе бидат разгледани и можностите за остранување на некои недостотаци од постојната планска документација.

Министерот Сугарески потенцира дека Министерството за транспорт и врска ќе ги поддржи и стои на располагање на сите проекти што ги планира Град Скопје. Информира дека во финална фаза е носењето на Законот за урбанистичко планирање во Собранието.

– Амандманската расправа е завршена. Имаме технички состаноци со сите политички партии со цел да побрзо да биде донесен и имплементиран Законот за урбанистичко планирање, рече Сугарески.

Тој потсети дека во изминатиот период имале посети и увиди на неколку населени места во Скопје каде се реализираат проекти преку Министерството за транспорт и врски, како Маџир Маало, Арачиново, Ѓорче Петров, Карпош, Визбегово…

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *