Поинаков мотивирачки пристап за учење

Користењето на информатичко комуникациската технологија во подучување на децата повеќе не е избор, туку потреба, вели Добре Јовевски, едукатор за примена на технологијата во образовниот процес и одделенски наставник во ООУ „Илинден“ од Крива Паланка.

Тој со иновативен пристап и користење на технологијата веќе 20 години создава поинаква средина за учење што на учениците им нуди најразлични доживувања. Неговата посветеност за олеснување на образовниот процес со помош на технологијата е вреднувана во ИКТ светот, од Интел и од Мајкрософт.

Професионалниот развој го почнува со работа во рурална средина  во комбинирани паралелки и поминува редица обуки организирани од програмите „Чекор по чекор“, „Со читање и пишување до критичко мислење“, „Со читање до лидерство“, како и за примена на наставните техники во работата, за развој на демократијата и правата на децата, формативно оценување. Како важно скалило во негово професионално усовршување го наведува учеството во почетните обуки за примена на компјутерот во наставата преку Е-школо, по што станал едукатор и мастер тренер за наставници од повеќе регионални училишта за примена на технологијата во наставата, како и за обуки  за математика и јазична писменост.

Моќта на учителската професија, укажува, е креативноста во работата, постојаното усовршување, следење и надградување на информациите во образовниот процес.

–  Учам за информациско-комуникациската технологија, ја користам за подучување на учениците, професионално се развивам  и делувам инспиративно во процесот на едукација. Ваквиот начин и пристап во мојата работа,  ми дадоа насоки како да станам наставник на 21 век, вели Јовевски.

Тој е застапник на идејата децата активно да учествуваат во наставата, да истражуваат, да ја користат комјутерската технологија, што го работеше и како координатор на популарниот проект  „Бабини игри“ со кој македонски наставници беа наградени на светскиот натпревар на Мајкрософт „Партнери во учењето“.

Тоа, како што посочува, е дел од неговата секојдневна работа со неговите ученици од второ одделение, нудејќи им учење преку игра и постепено и претпазливо воведувајќи ги во светот на технологијата.

На учениците им нуди различни извори и пристапи за учење користејќи паметни табли, таблети, мобилни телефони, kinect, Bee Bot  за програмирање.

Како финалист на неодамнешниот Мајкрософт натпревар 365 chalenge ги презентираше бенефитите од користење на алатката Скајп фор бизнис во образовниот процес. Со неа тој организира он лајн училници при што учениците  можат преку интернет да комуницираат со други ученици  од други училишта од градот, државата или надвор од неа. Во изминатиот период реализирал такви активности на неговите ученици со соученици од Бугарија и од други училишта во државава со што била остварена комуникација, која резултирала со заеднички училишни проекти.

Преку употребата на технологијата во секојдневната работа и комуникацијата и размената на искуства со наставници од Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија…,  како и плодната соработка со Microsoft Learning Partners и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ на повеќе училишни проекти постигнал големи успеси на национално, европско и светско ниво. Денес презентира  иновативни пристапи во реализирање содржини во наставата со користење разни техники. Иновативните пристапи, освен креативноста во употреба на повеќе он лајн програми и апликации, како што се снимање на добри училишни практики со Flip камера, потоа употребата на Office 365, Jumpido, се дел од неговата работа.

Интернетот, укажува, нуди бескрајни можности за добивање идеи за креирање на наставниот час по сите наставни предмети и содржини од страна на наставниците и е неисцрпен извор на знаење и учење за учениците. Тука е неопходна правилна насока и свесност за безбедност на интернет.

– Во денешно време учениците преку технологијата постојано користат видео игри, јутјуб канал, музички канали, социјални мрежи за комуникација и слични онлајн апликации. Во ова време тоа е дозволиво бидејќи на некој начин претставуваат ресурс за поучување. Тука е и најголемата улога на наставникот: да направиме селекција при изборот на најсоодветните, најинтересните за учениците кои нудат игра, забава, информација, развој на когнитивни вештини, флексибилност, критичност но и мотивација за учење. Сето ова е возможно преку несебична посветеност кон работата на наставникот, стекнатата заемна доверба, и на тој начин може да се влијае врз правилниот избор на дигиталните апликации од понудените, објаснува Јовевски.

Како што истакнува, дојде времето кога наставниците сфатија дека без технологија не може да се реализира одредена интересна содржина. Стереотипите се веќе разбиени. Наставниците се повеќе ја користат  технологијата, поаѓајќи од тоа дали на телефон има некоја содржина, песничка, компјутерите што ги имаат. Наставниците се подготвени да влезат што повеќе во имплементација на технологијата во наставниот процес.

– Потребата во следење на новитетите стана дел од едукативните содржини на наставниците. Таа потреба доведе до формирање на заедници од наставници каде ги разменуваат своите добри едукативни практики кои ги користат во наставата. Ако наставниците направат анализа и евалуација на сопствената работа во образованието би дошле до заклучок дека користењето на Информациско – комуникациската технологија (ИКТ) и интерактивни он-лајн алатки станува  потреба и предност при реализирање на  наставна содржина. Поучувањето и учењето на тој начин стануваат задоволство, природен процес, ефикасно и ефективно оспособување на наставниците и  учениците за нивните идни предизвици, посочува Јовевски.

Покрај мотивираноста на наставникот, според него, потребни се и услови, но тоа не треба да биде изговор. Со  оглед на тоа дека технологијата е доста застарена во нашите училишта треба да се направи некоја промена, да се набават нови софтвери, нови апарати за да може учениците на  интересен начин да ги следат останатите содржини кои ги нуди моќниот свет на технологијата, смета овој наставник.

 

One thought on “Поинаков мотивирачки пристап за учење

  1. Wow, amazing blog format! How lengthy have you ever
    been running a blog for? you made running a blog glance easy.
    The whole look of your site is wonderful, let alone the content!
    You can see similar here sklep

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *