Обединувачките политики на Владата и определбата за изградба Едно општество за сите, што се реализира преку изготвувањето сеопфатна Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам се за поздравување, заклучија на денешната средба премиерот Зоран Заев со високиот комесар за националните малцинства на ОБСЕ, Ламберто Заниер.
На средбата, како што соопштуваат од владината прес-служба, беше поздравен и духот на интеграција што се манифестира низ создавањето еднакви можности за партиципација на сите заедници во општеството, преку еднакви права и должности во државава.
Премиерот Заев посочил дека е важна поддршката од ОБСЕ, и дека Владата е определена кон усогласување и почитување на меѓународните обврски и препораки на клучните организации како што е ОБСЕ.
-Низ политиките на едно општество за сите, почитувањето на правата на различните етнички заедници и групи, определноста за еднакви права за сите граѓани независно од различностите, ние како држава станавме пример на соживот во овој мултиетнички Балкан и ќе продолжиме да вложуваме во политиките што соединуваат и зближуваат, што се и базичните вредности на Европа, кон која се стремиме, истакнал премиерот Заев.
Премиерот Заев нагласил дека нашата земја има воспоставено добри односи и со соседните држави, со кои се поврзани дел од заедниците во земјава и дека тоа дополнително придонесува за стабилноста во државата.
На средбата, како што се наведува во соопштението, заеднички е констатирано дека стабилноста и безбедноста во државата се придонес и во подигнувањето на квалитетот на живот за сите граѓани, затоа што ваквата клима создава услови за инвестиции, развој на економијата, напредок во образованието и во другите области од значење за секојдневниот живот на сите граѓани.