Волонтери – водичи ќе ги упатуваат пациентите полесно да се снајдат во Клиничкиот центар

Петнаесет волонтери – водичи на пациенти кои ги ангажира Црвениот крст од денеска ќе им помагаат на пациентите полесно да се снајдат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Волонтерите се лоцирани на на седум најфреквентни локации во Клиничкиот центар секој работен ден во периодот од 8:30 до 12 часот.

Оваа нивна активност е во рамки на проект кој се спроведува во соработка со Министерството за здравство и Црвениот Крст на Град Скопје.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека меѓу волонтерите има пензионирани медицински сестри, една докторка и млади кои ќе бидат распоредени на неколку места на клиниките за гинекологија, онкологија, Интерните клиники, Хирушките клиники, Детската клиника и Клиниката за инфективни болести.

– Тие ќе ги упатуваат пациентите согласно нивните потреби и се во континуирана комуникација со главните сестри на сите клиники. Овој проект значајно ќе го олесни движењето на пациентите низ Клиничкиот центар. Поефикасно ќе биде и упатвањето од една во друга клиника доколку за тоа има потреба. Се очекува да се вклучат и други волонтери, додаде Филипче.

Генралниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити рече дека ваквото упатување на пациентите функционира и во западните земји, конкретно во Норвешка. Посочи дека станува збор за проект кој таму функционира повеќе децении.

– Волонтерите беа на обука поврзана со основно познавање на Првата помош, комуникација и комуникациски техники и начин на давање Прва помош. Тие се соодветно опремени, носат униформи на Црвениот крст и нивната улога е да им олеснат на пациентите во упатувањето низ Клиничкиот центар. Дополнително се отпечатени флаери со мапите на клиниките, ќе бидат изработени и брошури на македонски, албански и на ромски јазики. Тоа ќе биде во функција на подобро информирање на пациентите, додаде Саити.

Со сите овие активности се презентира начин за поддршка и подобрување на моделот на здравствена заштита со кој се олеснува пристапот до болничките услуги, наведуваат од Министерството за здравство.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *