Презентиран Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска го објави Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион, со кој се дефинираат заложбите за строга контрола на урбанизацијата на регионот и негова заштита.

Планот, кој е изготвен согласно препораките на УНЕСКО, ќе ги уредува насоките како во иднина ќе се спроведуваат какви било градежни активности во просторот околу езерото, односно неговото донесување ќе значи крај на мораториумот на градење усвоен во јуни годинава.

Конкретно, предвидно е целиот регион да биде поделен на три зони под строга контрола. Првата зона е 50-метарски појас околу самото езеро односно долж крајбрежјето прогласен за зона под најстрога заштита. Тоа според планот значи дека во тој појас воопшто нема да смее да се гради, дел од појасот предвидува строга заштита односно да се задржат некои постојни градби, додека за плажите  да биде дозволена само поставување урбана опрема со забрана за поставување трајни објекти, односно строго определени правила како да се стопанисува со истите.

Што е однесува на втоата зона, таа се однесува на крајречни населби каде ќе биде забрането градење инфраструктурни објекти и конвенционално зејмоделство, како и дел од регионот што опфаќа простори на над 866 метри надморска височина. Третата зона на заштита се однесува на урабанизираните подрачја, во кои е предвидена забрана на урбани зафати повече од 20 проценти од просторот.

Делот на планот посветен на заштитата на културно-историското наследство исто така предвидува категоризација на просторот во три зони на заштита. Првата зона се однесува на старите градски јадра во Охрид и Струга, во кои строго ќе се контролира внасување нови и содржини, а кои се несвојствени на постоечките културни вредности, а да се работи и на враќање на изгубен фонд. Во тој строго заштитен дел не се дозволува изградба објекти повисоки од П+2 ката и поголем процент на изграденост од 50 отсто во граници на градежната парцела.

Втората зона предвдува активности насочени кон воведување методи за заштита – конзервација, реконструкција, интерполација, рекомпозиција и интеграција во смисла на поврзување на културните добра со новите структури. Сите натамошни градежни интервенции во таа зона исто така ќе бидат условени и со археолошки истражувања или надзор. Планот предвидува во таа зона да не биде дозволена изградба на објекти повисоки од П+3 ката и поголем процент на изграденост од 50 проценти.

Третата зона во градовите предвидува дозволена обнова на постојните и изградба на нови градби со почитување на амбиенталните карактеристики на целината, традиционалните форми, карактеристиките на пејзажот и хармоничниот склад на целината. Зависно од локацијата Планот забранува изградба на објекти повисоки од П+3 ката односно и максимални П+5 ката и поголем процент на изграденост од 50 проценти.

Инаку, извештајот за напредокот во исполнувањето на препораките на УНЕСКО содржи и податоци за тоа што е направено во изминатиот период.

Започнати се активности за утврдување алтернативни траси на железничкиот коридор VIII надвор од границите на заштитеното подрачје во Македонија и кои ќе се надоврзат на предложена траса на пругата во Албанија што минува надвор од заштитеното подрачје во Албанија, со краен рок јануари идната година.

Прогласен е мораториум на урбана и крајбрежна трансформација до усвојувањето на соодветните плански документи и донесувањето на правни и контролни мехамизми што ќе ја гарантираат потребната заштита, со рок до крајот на оваа или најдоцна на почетокот на 2020 да биде усвоен и Планот што ќе ги содржи соодветните правни механизми.

Инвентар на бесправно изградени објекти во Охрид и Дебрца е изготвен, останува за Струга да биде направен до крајот на октомври.

Што се однесува на оценувањето на влијанието врз културното наследство и оцена на влијанието врз животната средина согласно инвентарот, истото не е започнато, а предвидно е да го спроведува Министерството за транспорт и врски.

По однос забелешките за уривање на објектите што вршат негативно влијание, веќе тоа се спроведува на објектите за кои е издадено правосилно решение за уривање, се спроведува и контрола за спречување натамошна појава на бесправно изградени објекти.

Спроведена е анализа на кумулативните влијанија од железницата и автопатот А2 врз животната средина, стратегијата за одржлив туризам е во фаза на изработка на тендерска документација, отпочнати се контакти со соседна Република Албанија по однос прекугранична соработка за заштита на регионот. Во извештајот уште се посочува дека предвидено е и пренасочување на реката Сатеска, но останува да се обезбедат финансиски средства, изготвен е и сообраќајниот план за Охрид чиј нацрт ќе биде објавен во ноември годинава, додеказа депонијата на Буково останува рокот февруари идната година да биде утврдено кога истата ќе биде целосно затворена.

Инаку, динамиката за усвојување на самиот План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион предвидува нацрт-документот кој е веќе изготвен и јавно објавен и доставен до Центарот на Светското наследство и советодавните тела, да биде усвоен до крајот на 2019 година.  Претходно во тој рок, веќе од утре, стартуваат активности за вклучување во јавна консултација на надлежни органи од соседна Република Албанија, а предвидено е наредните два месеци Планот да биде ставен на јавна консултација, со можност за дополнување, како и одржување најмалку две јавни дебати на кои би биле дискутирани евентуални забелешки, предлози.