Владата сериозно го интензивира процесот на имплементација за препораките на УНЕСКО, кои се спроведуваат согласно предвидената временска рамка, а Нацрт-планот за управувањето со природното и културното наследство во охридскиот регион, како и студијата за проценка на влијанието на истиот, се финализираат.
Ова беше истакнато на денешната заедничка средба со новинарите на министерот без ресор задолжен за дијаспората и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми со градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски, државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска и Зоран Павлов од Управата за заштита на културното наследство.
– Се интензивираат комуникациите со УНЕСКО, на политичко и експертско ниво, нешто што недостасувало долги години наназад. Нацрт планот за управувањето со природното и културното наследство во охридскиот регион, како и студијата за проценка на влијанието на истиот, се финализираат. Во транспарентен процес планот ќе биде доставен на увид на јавноста на интернет страниците на Министерство за култура, на Министерството за животна средина и просторно планирање, и на општините Охрид и Струга, во траење од 60 дена, информираше Адеми на средбата со новинарите.
Министерот Адеми истакна дека во Буџетот се издвоени 50 милиони денари за ЈП „Колекторски систем“ за оваа фискална година, како и дополнителни 88 милиони за финансирање на долговите на ЈП „Проаква“, која досега управуваше со колекторот.
Петровска информираше за активностите поврзани со формирањето на меѓуресорскиот совет за заедничко управување со природното културно наследство во охридскиот регион.
Дополнително Петровска акцентот на брифингот за медиумите го стави на Нацрт планот за заштита на природното и културното наследство на охридскиот регион, кој што е усогласен со општините Охрид и Струга, и кој утврдува воведување три заштитни зони и на воспоставување контролирана урбанизација, веднаш по донесувањето на Законот за урбанистичко планирање кој веќе е во постапка во Собранието на Република Северна Македонија.