Нови проректори на Универзитетот „Св.Климент Охридски“

Ректорската управа на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ на предлог на ректорот проф. д-р Сашо Коруновски врз основа на новиот Закон за високо образование на тајно гласање донесе одлука за избор на четворица нови проректори на Универзитетот.

Нов проректор кој ќе раководи со ресорот студенти и академска мобилност во наредните тро години е проф. Марјан Ѓуровски досегашен продекан на Факултетот за безбедност-Скопје и претседател на Македонското политолошко друштво, а досегашниот декан на Факултетот за информатички и комуникациски технологии Игор Неделковски е нов проректор на наука,  Гордана Трајковска од Економскиот факултет – Прилеп е избрана за нов проректор за финансии, а проректор за настава Љупче Кочоски досегашен декан на Факултетот за биотехнички науки од Битола.

Студентите  во центарот на образовниот процес во кој им се овозможува и од нив се очекува, одговорен пристап и активно учество, како при стекнувањето на знаења и вештини, така и при создавањето нови знаења. Студентот има право на квалитетно образование, но и обврска за активно учество во него, во согласност со академските вредности, изјави новиот проректор Ѓуровски.

Според Ѓуровски, современите текови ја наметнуваат и потребата за максимално искористување на можностите за студентска мобилност и вклучување на студентите во соодветните облици на студентско организирање на меѓународно ниво во насока на градење на меѓусебна доверба, запознавање, споделување на културните вредности и интернационализација во сферата на високото образование.

-Овој тренд уште повеќе ја поттикнува потребата за воспоставување и целосна реализација на договорите за соработка со странски универзитети на полето на студентската мобилност и реализирање заеднички студентски проектни активности во различни програми најави новиот проректор Ѓуровски.