Прв академски час на Факултетот за безбедност

Министерството за внатрешни работи, согласно нашите приоритети за адекватно кадровско екипирање на институцијата, како примарни ги постави образовно-стручните критериуми и стандарди, како во своето секојдневно работење, така и во поглед на професионалниот напредок на секој наш службеник, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на првиот академски час на Факултетот за безбедност при  Универзитетот „Свети Климент Охридски“.

-Убедени сме дека токму стручната и образовната подготвеност се меѓу најважните претпоставки за севкупно поквалитетно работење на МВР.  Ве уверувам дека нема да запреме со оваа политика во делот на кадровско и стручно надградување на Министерството за внатрешни работи, туку сме решени тоа да стане составен дел од процесите на избор и професионална надградба на нашите вработени, истакна Спасовски.

Академски, рече тој, овој ден е подеднакво значаен за сите студенти и професори на овој Факултет, кој важи за институција чии што образовно-воспитно значење и квалитет се одамна етаблирани во нашиот образовен систем, меѓу друго и поради докажаното високо ниво на стручна, академска и практична наобразба што се нуди.

Деканот на Факултетот Никола Дујовски на студентите им порача да ја искористат новата фаза во нивниот живот, односно да се стекнат со знаење кое го нуди Факултетот.

-Од вас зависи колку ќе искористите, дали ќе бидете посветени на знаењата кои ќе ви бидат суштински во животот. Ова не е било каква професија, вие сте се определиле да студирате во областа на безбедноста, криминалистика, криминологија, евроатлански интеграции, области кои се значајни за нашата држава. Периодот во кој што се наоѓаме бара од нас да бидеме многу посветени, посебно од вас полкладите да ја градите иднината во вистински правец, истакна Дујовски.

На академскиот час на највисоко рангираните десет студенти им беа врачени индексите, а подарок уметничка слика доби професорот Томе Батковски кој од денеска е пензионер и кој својот работен век го поминал токму на Факултетот за безбедност.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *