УКЛО-Битола ја почна новата академска година со 1.000 бруцоши

Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола (УКЛО) ја почна новата академска година со околу 1.000 студенти бруцоши. На централната свеченост што се одржа на Факултетот за информатички и комуникациски технологии-ФИКТ, успешен почеток на студентите им посакаа заменик министерот за образование и наука Елизабета Наумовска, ректорот Сашо Коруновски и деканот на ФИКТ, Игор Неделковски.

-Од оваа академска година МОН воведува нова мерка – стипендирање студенти кои студираат на наставничките факултети, односно за наставници од основните и средните училишта и се надевам дека ваквата мерка ќе предизвика стекнување на поголеми знаења и компетенции кај идните академски граѓани, истакна Наумовска и додаде дека во новата академска година очекува стопанскиот сектор да го препознае значењето на информатичката технологија и инвестира креирање кадри за стопанството.

УКЛО-Битола во три уписни рокови запиша околу 1.000 студенти приближно исто како и во минатата година, но овој пат беше почитуван условот за положена државна матура.

-УКЛО својата понуда ја базира на барањата на студентите. Ние се трудиме низ нашиот процес да направиме идни професионалци, но и интелектуалци затоа што професионалците се оние кои што ги решаваат проблемите во струката, а интелектуалците ги решаваат проблемите на една земја. Во новата академска година почнуваме со ист капацитет на студенти бруцоши како и минатата година и задоволни сме што ја исполнивме бројката, но овој пат имаме и повисок квалитет, бидејќи запишувавме кандидати со положена државна матура, истакна ректорот Сашо Коруновски пред академската заедница во Битола.

Првиот академски час за студентите на ФИКТ-Битола почна во нови простории, кои, како што беше речено, се градени со поддршка на МОН и со средства од фондовите на ЕУ.

-Новата генерација млади колеги треба да бидат врвни професионалци. После долги години на ФИКТ ќе се изведува настава во нови простории. Наскоро со средства на ЕУ ќе почне изградба и на нов кат со што ФИКТ ќе се етаблира како водечка информатичка институција во регионот, но и во државата, нагласи деканот на ФИКТ, Игор Неделковски.

Во име на локалната самоуправа, успешен почеток на новата академска година на наставниот кадар и студентите им посака Емилија Костурски, заменк градоначалник на Битола.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *