Спречувањето на изградбата на рудникот Иловица – пример за остварување на еколошката правда

Република Северна Македонија, како земја која планира да биде идна членка на ЕУ, треба да ги постигне европските стандарди за заштита на животната средина, да го хармонизира своето законодавство со европското, да ги применува казнените одредби за загадувачите и да делува превентивно во заштитата на околината, се дел од заклучоците кои беа изнесени од учесниците на панел дискусијата „Еднаков пристап на еколошка правда“.

– Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата на животната средина е една од темелните вредности наведени во Уставот на Република Северна Македонија. Од друга страна ако зборуваме за меѓународното право, Архуската Конвенција е ратификувана од нашата држава, остануваат индивидуални и групни права во однос на заштитата на животната средина. Како што знаеме државите потписнички се должни да ги ефектуираат овие права на национално и локално ниво. Дел од тие права се однесуваат на тоа како се остварува пристапот до информација, но не само дали постои загадување на човековата околина туку и што е сторено во врска со тоа, истакна директорката на Академијата на судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска.

Таа рече дека државата треба да ги исполни европските стандарди што од неа се бараат во пристапувањето кон ЕУ или да ги постави постулатите врз кои понатаму ќе се гради. Директорката на Академијата на судии и јавни обвинители се осврна и на Законот за бесплатна помош и рече дека е потребна негова практична примена.

– Со примената на законот ќе се олесни патот до правдата со цел остварување на нивните човекови права, истакна Габер Дамјановска.

Ана Петровска од Министерството за животна средина истакна дека и со сегашното законодавство и со Архуската конвенција граѓаните можат да го остварат своето право за здрава околина и бесплатна правна помош.

– Праксата да се издаваат еколошки дозволи на големите загадувачи се менува и покрај тоа што притисокот на приватниот сектор е голем. За среќа, имавме ситуација кога не се одобри студија за оцена на влијание за рудникот Иловица. Граѓаните успеаја со сите свои инструменти да обезбедат дека тој рудник нема да се гради. Сега имаме уште еден процес на оспорување за доделување на концесија за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја. И тука граѓаните и граѓанските организации го користат своето право да се спречи изградба на тие хидроцентрали, вели Петровска.

Кирил Ристовски од „Флорозон“ рече дека кај нас е потребно да се реагира превентивно, а не пост фестум како што беше случајот со загадувањето на реката Вардар.

– Кога така се реагира, кога доказите речиси ќе исчезнат, резултатите земени од лице место ги немаат тие параметри кои ќе докажат за степен на штетност од таа хаварија, за да може да се реагира во рамките на Кривичниот законик. Ние немаме кривични постапки, туку се сѐ сведува на прекршочни казни. Ова остава простор на индустријата, да и е поисплатливо да плати казна отколку да се воведат мерки на претпазливост за да се спречат хаварии, вели Ристовски.

На панел дискусијата говореше и Чаба Кис од Асоцијацијата за еколошко право и менаџмент од Унгарија, кој го сподели унгарското искуство во приближување кон стандардите на ЕУ за заштита на животната средина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *