Министерство за правда: Измените на Законот за референдум се за усогласување со Изборниот законик

Со предложените измени во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, се врши усогласување на законскиот текст со Изборниот законик и се напуштаат односно надминуваат одредени застарени решенија, соопшти денеска Министерството за правда демантирајќи ги  информациите на дел од порталите по објавувањето на законот на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР).

Според Министерството за правда, се врши уредување на прашања кои се од значење за практичното спроведување на законот  и техничко доуредување на законскиот текст.

Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните е донесен во септември 2005 година, a Изборниот Законик во март 2006 година, потестува Министерството.

– Во предложените измени на член 1, член 2, член 3 и член 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши усогласување со Изборниот законик, наведува Министерството за правда.

Дополнува дека Изборниот законик е објавен на 31 март 2006 година и влезе во сила со денот на објавување во Службен весник. Со денот на објавување на Изборниот законик, пак, престанаа да важат Законот за избор на претседател  на РМ, Законот за избор на пратеници во Собранието на РМ, Законот за локалните избори, Законот за избирачки список, Законот за избирачките места  и Законот за изборните единици  за избор на пратеници во Собранието на РМ.

Според Министерството за правда, со предложените измени во членот 5 и 6 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши усогласување со Законот за судовите, објавен во мај 2006, а каде во членот 22 покрај постоечките судови се воведе Управниот суд. Членот 34 од Законот за судовите ја уредува надлежноста на  Управниот суд. Имено,  со Законот за судовите надлежноста за решавање на управните спорови  од Врховен суд премина во Управниот суд. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *