На хуманитарен пикник на „Алкалоид“ донирани 1,2 милиони денари за граѓанското здружение „О2 Иницијатива“

Милион и двесте илјади денари во Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа денеска вработените во „Алкалоид“ АД Скопје, членовите на нивните семејства и нивните пријатели, за што добија специјално дизајнирана маичка. Средствата ќе бидат донирани за граѓанското здружение „О2 Иницијатива“.

Ова денеска го истакна генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов на традиционалниот хуманитарен пикник, кој деветта година по ред го организира оваа фармацевтска компанија.

– По деветти пат вработените во „Алкалоид“, нивните пријатели и роднини ја покажуваат својата свесност, потреба да помагаат, да донираат и да најдат форма како може да се помага на заедницата. Оваа година со акламација беше донесена одлука средствата кои ги собравме во износ од милион и двесте илјади денари да ги донираме на граѓанското организација „О2 Иницијатива“, рече Мукаетов.

Најголем предизвик за сите нас, посочи, е здравата животна средина, воздухот што ни треба, затоа што нашето мото е „Здравјето пред се“.

– За мене и за сите здравјето е приоритет, кој е врзан за жал и со квалитетот на воздухот, кој го дишеме. Сакаме да ја подигнеме свеста за здравата околина, затоа што сметаме дека така ќе се подобри и квалитетот на животот во нашата држава, додаде Мукаетов.

Претставничката и една од основачите на граѓанското здружение „О2 Иницијатива“, Ели Пешева се заблагодари за донацијата и рече дека проблем не е само загадениот воздух, туку и загадената почва, водите…

– Значи во сите сегменти имаме огромно загадување кое влијае на здравјето на сите нас, пред се на здравјето на нашите деца. Имаме толку убава држава и потенцијал во неа кој може да се искористи. Нашата идеја е да работиме на подигнување на јавната свест, но истовремено преку нашите акции да ги мотивираме и поттикнуваме и институциите и генерално државата за да го сфати овој проблем посериозно и да оставиме една здрава, чиста и убава држава на идните генерации, додаде Пешева.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *