Германскиот Бундестаг вечерва и официјално треба да даде зелено светло за почеток на преговорите со Европската Унија за Северна Македонија и за Албанија.
Како што објави „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, земјава ќе добие „целосно зелено“ светло за почеток на преговорите, додека на Албанија Бундестагот ќе и даде „темно зелено“ светло.
Според весникот, во одлуката на Бундестагот на Северна Македонија ќе и биде одобрен почеток на преговори без дополнителни услови, додека Албанија ќе мора да исполни серија барања.
Во одлуката за земјава, Бундестагот бара од германската Сојузната влада во рамки на преговорите да обезбеди дека ќе се гарантира продолжување на реформите и дека земјава ќе мора да продолжи да вложува „значителни дополнителни напори“ за исполнување на критериумите за членство, особено во областите на владеењето на правото, вклучително и почитување на основните права и ефикасноста на Специјалното обвинителство со нова организациска поставеност, потоа во борбата против корупцијата, организираниот и финансискиот криминал и перењето на пари, како и зајакнување на институциите и промовирање на човековите права.
Бундестагот бара и Еврокомисијата и Европската служба за надворешни работи редовно да информираат за напредокот на реформите за време на пристапните преговори.
Според германските пратеници, преговорите за членство на земјава во ЕУ треба да почнат со поглавјата 23 – Правосудство и основни права и 24 – Судство, слобода и безбедност, при што би се утврдиле акциски планови за овие поглавја со јасно утврдени рокови и цели, чие исполнување ќе биде предуслов за отворање нови поглавја.
– Комисијата мора, покрај годишните извештаи, редовно да известува за спроведувањето на акциските планови за напредокот. Отворањето и затворањето на соодветните поглавја мора да зависат од напредокот во овие области, се вели во документот, при што се нагласува дека Бундестагот го задржува своето општо право да изгради сопствен став, доколку заклучи дека не се исполнети условите за отворање на нови поглавја за преговарање.
Бундестагот бара во фокус на преговорите за членство да бидат темите за функционални демократските институции, реформа на јавната администрација, економски развој и конкурентност, добрососедски односи и регионална соработка, слобода на печатот и медиумите, права на најранливите групи и припадници на малцинствата и активно граѓанско општество.
Германските пратеници наведуваат дека земјава ќе треба целосно да ги исполни политичките и економските критериуми за членство и пред приемот да го прилагоди своето законодавство со европското и да се придржува кон одредбите на европската стабилност и кон критериумите на Договорот од Мастрихт, поради што на државата не треба и се даде датум за зачленување пред завршувањето на преговорите.
Бундестаг бара од германската Влада континуирано да го информира за текот на преговорите за членство. – Напредокот на патот кон членство не треба да биде оценуван само од (Европската) комисија, туку редовно и од (германската) Федерална влада, вклучително и од нејзините дипломатски мисии, се додава во документот.